Два месеци откако синот на Али Ахмети влезе во енергетскиот сектор отворајќи ја компанијата за производство на електрична енергија „Тхеас Енергу ДООЕЛ“ во кичевски Зајас, Шкумбин Ахмети со нова инвестиција го шири бизнисот преку нова фирма, овој пат со странски партнери, открива „А1он“.

На 22 февруари, компанијата на Шкумбин Ахмети, „Тхеас Енергу ДООЕЛ“, заеднички со „СЕЕ Повер ДОО Скопје“ основаат нова компанија под името „Мега Повер ДОО Скопје“, чија дејност ќе биде производство на струја. Седиштето на партнерската компанија е регистрирана во скопската населба Бардовци.

За управители на „Мега Повер ДОО Скопје“ се заведени Шкумбин Ахмети, како и Ор Ел Леви (Бабаи) и Ранјит Наиак од „Сее Повер ДОО Скопје“. Оваа компанија, пак, е регистрирана во скопски Аеродром една недела порано пред заеднички со синот на Ахмети да влезат во инвестиција преку новата фирма.

Сопствениците на „Сее Повер ДОО Скопје“ се странски државјани – од Израел и Романија и генерално непознати за јавноста. Освен името и презимето на Индиецот Ранјит Наиак.

Во професионалната биографија на Ранјит Наиак, пишува дека бил шеф на Светската банка за Косово од 2007 до 2011 година и дека е заслужен за обезбедување на економската и финансиската одржливост на ново формираната држава по нејзиното прогласување независност во 2008 година. Следниот ангажман му бил главен специјалист за социјален развој на Светска банка за регионот на Европа и Централна Азија во Вашингтон од 2011 до 2013 година, каде ги надгледувал операциите за социјален развој во 30 земји и ги советувал владите и партнерите на Светска банка за развојни прашања.

Но, јавно достапните информации за неговата биографија, откриваат и друг интересен детаљ. А тоа е дека пред 10 години, во периодот од 2013 – 2015 во времето на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, бил главен советник за меѓународни и европски прашања. Како што пишува, тој ја поддржувал тековната работа на Секретаријатот за Европски прашања на Владата за интеграција во ЕУ. Во тоа време, заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања е Фатмир Бесими. Една деценија подоцна, поранешниот советник станува бизнис партнер со синот на Али Ахмети.

Повеќе на А1.он.нк



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.