„Стево Пендаровски секој ден тврди дека ме немало никаде и дека ме заменил господинот Христијан Мицкоски. Знаете ли зошто не може да ме види? Заради реките народ кога сум долу, а кога сум горе, тука на говорницата, не сака да ме види затоа што не сака да ме слуша оти сè што тој не кажува, јас кажувам, сè што тој не направил, бидете сигурни, дека ќе направам“ – истакна Гордана Силјановска Давкова од веќерашниот митинг во Радовиш.

-Веројатно забележувате дека мојот противкандидат, господинот Стево Пендаровски, делува како да не е тој туку како да има двојник. Човекот кој што до вчера беше потонат во љубов кон соседите, сега сосема директно почнува од фатална вљубеност, изразена на господинот Бојко Борисов, да употребува говор кој не шири добрососедство, апсолутно не личи на тоа, и тоа е нешто што навистина мене ме плаши. Можете да замислите до што може да доведе тоа? Тоа се вика немање став, тоа се вика немање дигнитет, тоа се вика отсуство на интегритет, рече таа.

Професорката порача дека од такви луѓе не можете да очекувате да ги штитат гордоста, односно националните интереси на Македонија.

-Замислете, им се заблагодарува на граѓаните што стоеле зад него, односно зад нив, кога носеле тешки одлуки? Под тешки одлуки мисли на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, мисли на Преспа, на преговарачката рамка, на Преспанскиот договор? Јас не знам каде ги гледа луѓево? Ако над 70 проценти од граѓаните велат дека тој и тие околу него водат погрешна политика, кому се заблагодарува? Па, зарем не гледа дека луѓето не го одобруваат тоа?, посочи таа.

Силјановска Давкова ги замоли присутните да се потсетат по што го памтат Стево Пендаровски како пратеник во Собранието:

„Дали Ве воодушеви со некој став, со некој говор, со некоја порака со некоја одважност? Јас, на прашањето дали може да посочам три одлуки на Пендаровски кои се добри, се стаписав. И мислев, мислев, мислев, што е нешто најважно што сторил и се сетив. Кога рече ,не’ за преговарачката рамка, ама тоа не траеше ни неколку часа, а потоа самиот се сети и се поправи, исплашен дека ќе го искараат, и рече дека тој учествувал во нејзиното создавање. Ако над 65% од граѓаните се против тоа, како тогаш човекот може да биде горд на нешто од што се срамите Вие, ние и сите.“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.