По добивањето на Уверението за избор на Претседател на државата од ДИК, Силјановска-Давкова во изјава за МИА кажа дека овој чин секогаш претходи на прогласувањето и означува формална круна на изборите, притоа заблагодарувајќи се на сите чинители за организирањето на успешните избори.

Идната претседателка, Гордана Силјановска-Давкова, вели дека на Државната изборна комисија им честитала за успешното спроведување на изборите, пренесувајќи ги заклучоците на набљудувачката мисија и на Парламентарното Собрание на ОБСЕ дека се задоволни од нивната работа, но притоа напомена дека земјава долго и се уште очекува да слушне од ОБСЕ и ОДИХР дека изборите во земјава биле фер и демократски.

Ќе ја чуеме точната формулацијата од ОБСЕ и ОДИХР, ние за жал досега не сме чуле фер и демократски, а тоа е тој долгоочекуван израз, обично изборите биле добро спроведени и добро менаџирани и така натаму. Во поглед на претседателските избори нема предмети што се во постапка, има само за парламентарните – рече Силјановска Давкова.

Уверението на Силјановска Давкова и го врачи претседателот на ДИК, Александар Даштевски откако претходно на седница беше објавена конечност на изборните резултати и беше констатирано дека таа е избрана за претседател со мнозинство гласови од избирачите кои гласале. Силјановска-Давкова освои 561 000 гласови, наспроти нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски за кого гласале 251 899 избирачи.

Сега следува процесот на инаугурација на новата претседателка во Собранието, која според најавите е извесно дека ќе се одржи утре напладне. Гордана Силјановска-Давкова, која е шестиот претседател на Македонија од независноста и воедно прва жена претседател, пред пратениците од претходниот парламентарен состав треба да даде свечена изјава по која и официјално ќе започне нејзиниот петгодишен мандат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.