Од обработени 51,60 отсто од гласачките ливчиња од денешниот втор круг претседателски избори, според резултатите кои Државната изборна комисија ги објавува на својата веб-страница,  кандидаткта на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова со освоени 63,42 отсто од гласовите води пред Стево Пендаровски од СДСМ, кој има 30,07 проценти.

 

Во бројки, тоа е разлика од над 120 илјади гласови.

За претседател во вториот круг на гласање ќе биде избран кандидатот кој ќе добие мнозинство од гласовите, доколку на гласачките места излезат повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 725.727 гласачи, како што е предвидено во Изборниот законик, а за него гласале 362.864 избирачи.

Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски вечерва изјави дека според податоците пристигнати до 18:30 часот, одѕивот на изборите за шеф на државата бил 46,34 проценти.

ДИК првичните резултати од гласањето добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

Конечните резултати од изборите ДИК ги објавува во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.