Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата Гордана Силјановска Давкова вечерва на митингот во Бутел рече дека тврди оти тоа што го запишала во изборната програма ќе ја води, бидејќи, како што нагласи, тоа не се обични зборови, тоа не е хартија, тоа е верба, тоа е ветување, тоа е обврска.

Според неа, власта во заминување е најстрашна власт – конфузна, хаотична, фрустрирана, несигурна, инфантилна и тогаш посега по навреди, по клевети. Тие, рече, немаат извештај и отчет за тоа што го сработиле, бидејќи правеле тоа што не смееле, а не тоа што требало во интерес на државата и граѓаните.

-Значи, нема што да кажат што ќе прават оти прашањето на народот е што сторивте, каде ви е извештајот, каде ви е отчетот. Оти мандатот на секој претседател/претседателка почнува со програма, ама завршува со извештај. Сте виделе ли такво нешто? Јас не сум видела. Веројатно го нема. А како ќе го има кога го правеа она што не смееја, така, а не го правеа тоа што мораа. Тоа што го напишаа во програмите го заборавија, ама ние ги потсетуваме. Затоа мислам дека повторно да повторам да кажам дека се во сериозен проблем. Не плашете се за тоа што го зборуваат, не ме допира мене. Понекогаш дури си велам да не е некоја фрустрација и освета на неуспешните, на лошите студенти кои се нашле на високи позиции што не ги заслужуваат, рече таа пред граѓаните на Бутел.

Според неа, крајно време е да се потсети власта во заминување и да и се каже дека тие немаат причина за самопочит, но оти народот има.

-Кога ние ќе ве инспирираме вас, кога ќе ви покажуваме секој ден дека сме тука заради вашите потреби и интереси, верувам дека нема да се срамите од нас и дека ќе бидете горди, а тоа нас ќе не’ направи горди на вас. Значи, да си ја заслужиме гордоста секој во својата област, секој таму каде што работи, секој таму каде што учи верувајте ми – гордоста не доаѓа сама, не се подарува, треба да се заслужи. Ќе ви кажам како, јас ќе ја заслужам вашата гордост, рече Силајновска Давкова.

Таа смета дека претседателот треба да се обраќа пред пратениците, да им укажува, да предлага, да трага по заедничко решение за многу прашања, да превенира.

– Јас велам деновиве да не оди чекор, чекор да не пушти надвор без во Собранието да постигне консензус за нашите државни и национални интереси од кои никој нема право да отстапува, бидејќи не ја наследил никој Македонија од дедо му или од прадедо му, туку од предците и мора да им ја остави на потомците како пристојна држава во која можеби некој од која заминал ама ќе сака да се врати затоа што тука убаво се живее, истакна таа.

Обраќајќи им се на граѓаните во Бутел, рече дека размислувајќи за општината се сетила што го прави Бутел горд, а тоа е, како што рече, Дејан Георгиевски.

-Ете ја едноставната формула за гордост. Кога сте вицешампион на Олимпијада а доаѓате од една мала земја сигурно се сеќавам кога го пречекувавме – сите бевме горди. Значи, ако сте врвни во спортот таму нема да има мали и големи. Истото е со културата, истото е со образованието, истото е со науката, верувајте ми. Ако како Дејан Георгиевски сите во своите области се најдат таму каде што треба Македонија ќе биде горда држава на сите што знаат да се самопочитуваат оти Дејан заслужува само почит, ама и почит и сигурно сите во светот го почитуваат и сигурно сите прашуваат од каде е. За разлика од нив, ние слободно и со ум и со срце можеме да одговориме од каде сме и затоа сме побогати од нив, истакна Силајновска Давкова.

Таа се осврна и на химната која се интонира пред почетокот на митинзите.

-Секогаш кога ја слушам химната и овде пред вас сфаќам дека како да ни е запишана во генетскиот код. Не случајно. Заради предизвиците со кои се соочувале оние пред нас, се соочуваме ние и оние другите оти таа постојано не’ потсетува на суштината, на борбата за право, за правда, за самостојна и независна држава Македонија. Е тоа е нашата предност, истакна Силјановска Давкова.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.