Денес во Кочани во рамки на акцијата „Важно е! Од тебе зависат промените“ се одржа дебата насловена „И Европа и Македонија, интеграција и идентитет“, на која што говореше и проф. Гордана Силјановска Давкова, универзитетска професорка и пратеник во македонското собрание. Таа на дебатата истакна дека македонскиот Устав за 30 години има 36 амандмани, а сега власта предлага уште три.
„Намерно ќе земам два примери околу честотата на уставните измени. Замислете Уставот на САД е донесен во 1787-та година и досега доживеал 27 амандмани. Инаку Уставот на САД има само седум члена. А, ние за 30 години имаме 36 амандмани и сега нели предложија уште 3 амандмани. Зошто ги зедов овие примери? Бидејќи двата Устави важат за цврсти Устави, демек постапката за нивната промена е тешка“, рече Силјановска Давкова.
Силјановска Давкова додаде дека најголемиот број на измените на македонскиот Устав не дошле од граѓаните, туку однадвор, а тоа во науката се вели како наметнато.
„И повторно на дневен ред се такви амандмани. Немало во историјата Устав кој што уште само што бил донесен, нашиот Устав уште во 1992 година замислете ја доживеа првата измени и тоа повторно на барање однадвор. Што беше образложението? Дека ако напишеме во Уставот дека немаме територијални претензии кон соседите дека нема да имаме проблем и тоа го побара Бадентеровата комисија“, потсети таа.
Пратеничката посочи дека по амандманот во 1992 година, започнаа промените, за знаме, за Рамковниот договор, за Преспанскиот договор.
„Овие конфузни луѓе кои себеси си противречат ден за ден, како што гледаат граѓаните, не може да бидат државници. И тие не знаат што е национален интерес. А, Уставот ги изразува и ги штити националните интереси“, рече Силјановска Давкова коментирајќи ги владините функционери.
„Можеме да влеземе во Европа со она различното што го имаме за да и го дадеме. Бидејќи ЕУ е единство на различности“, порача пратеничката.
Силјановска Давкова нагласи дека власта никој не ја овластил да менува Устав, за тоа треба да се праша народот.
„Не може вие да правите пазар без мандат, без легитимитет, со нешто што припаѓа само и само на народот. А, тоа го прават овие луѓе од власта“, истакна Силјановска Давкова.
Таа посочи дека ако се прочитаат фундаменталните документи на кои се темели ЕУ ќе се забележи дека она што е најважно во нив не е организационата структура, па ни нормите, туку темелните вредности и принципи.
„Ние само бараме тоа што е втемелено да важи и за нас“, нагласи Силјановска Давкова.
„Што бараме ние? Тоа е нашиот идентитет да биде почитуван. Не бараме ние нешто невозможно“, порача пратеничката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.