Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Скопје синоќа организираше отворена трибина за учеството на Македонија во меѓународните односи, враќањето на дигнитетот на дипломатијата и заштита на македонските национални интереси на меѓународната политичка арена, под наслов „МАКЕДОНИЈА, ДОСТОИНСТВЕНО ИСПРАВЕНА ПРЕД СВЕТОТ“.

Професор д-р Гордана Силјановска Давкова ја критикуваше нефункционалноста на постоечката дипломатија поради дискомуникација меѓу претседателот, министерот за надворешни работи и Собранието. Таа укажа дека мора да се врати фокусот на мултилатералната дипломатија и борбата за национални интереси преку меѓународните организации и институции со почитување на европското право и сите релевантни документи во врска со малцински и човекови права. Исто така, таа навести користење на институтот реципроцитет во иднина, како базичен национален приоритет во односите со други држави.

Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Силјановска Давкова како нужно укажа на неопходноста на враќање на функционалноста на македонската дипломатија, пред се преку зацврстување на системот за вреднување на работата на дипломатите, нивното кариерно унапредување и упатување на служба во странство според заслуги и искажани способности и дипломатски вештини

Поранешниот претседател д-р Ѓорге Иванов врз основа на своето искуство ја потенцираше важноста од повторно воспоставување на нарушениот баланс помеѓу законодавната, извршната и судската власт. Извршната власт ги има киднапирано ингеренциите на Собранието, претседателот и правосудството сведувајќи ги на улога на своевиден сервис на Владата. Тоа резултира со редица нестручни, погрешни и неквалитетни одлуки, кои многу ја чинат државата. Враќањето на балансот на ингеренциите помеѓу нив ќе биде клучен елемент за координирано настапување на државните чинители и успех на домашен и на надворешен план.

Претседателот на Комисијата за надворешна политика во Собранието и поранешен министер за надворешни работи Антонио Милошоски се осврна на актуелните слабости во Министерството за надворешни работи кои со геометриска прогресија се зголемуваат последните седум години. Покрај бројните прекршувања на законот од страна на министерот Османи, тој ги потенцираше прекршувањата на процедурите за упатување на амбасадори во странство, масовното партиско впумпување кадри и отстранувањето на најспособните дипломатски кадри од тековните процеси, нарекувајќи го Кабинетот на Османи „чајна кујна“ со само неколку луѓе, каде што одлуките се носат независно од структурата на МНР. Тој најави ревизија, односно враќање на незаконски испратените амбасадори од странство.

Трибината предизвика интерес во стручната јавност и присуство на голем број сегашни и поранешни дипломати и пратеници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.