Консултациите за нов состав на Комисијата за помилување се во тек, а претседателката на државата Силјановска Давкова изјавува дека нема да брза со одлуките, бидејќи планира да ја заснова новата комисија врз основа на широки консултации и вклучување на различни профили на експерти. Според претседателката, целта е да се добие поширока перспектива, за што се консултираат лица од повеќе области, вклучувајќи експерти, претставници на невладини организации, психолози, невропсихијатри и новинари. Дополнително, ќе се земат предвид искуствата и на поранешни членови на комисијата за да се оцени правецот во кој би се движеле евентуалните измени на начинот на помилување.

Да, имаше неколку закажани, но одложени средби поради други настани. Мислам дека е време да се слушнат мислењата на сите поранешни членови на комисиите за да се разбере нивното искуство и да видиме во кој правец треба да се насочат промените, изјави Силјановска Давкова.

Претседателката на државата и натаму стои зад ставот дека најважните критериуми за помилување треба да останат стореното дело и поведението на осуденикот во затворската установа. Според неа, одговорноста на судот е да ги состави деталните досиеја на осудените лица, кои ќе ги вклучуваат сите важни акти, а не само пресудите и нивното поведение во затвор.

Силјановска Давкова предупреди дека ускратувањето на правото на помилување би можело да привлече негативни реакции од меѓународни институции.

„Може да се соочиме со обвиненија од Советот на Европа дека, во одредени ситуации, правото на помилување е суспендирано, што може да се третира како тортура,“ истакна Силјановска Давкова. „Во затворите се наоѓаат луѓе кои направиле грешки, и доколку покажат напредок во ресоцијализацијата, тие треба да имаат право на помилување.“

По оставката на членовите на Комисијата за помилување по последните помилувања, кабинетот на претседателката ќе го избере новиот состав, по што ќе се разгледуваат и евентуалните промени во начинот на помилување. Според можните решенија, дел од новите членови би можеле да бидат актуелни судии и обвинители, кои би овозможиле подетален увид во случаите. Друга опција е да се издава потврда од судот или МВР дека за осуденото лице не се водат постапки или дека нема разузнавачки информации.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.