Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во Штип присуствуваше и се обрати на годинешната „Текстилијада – 8 “ што се одржува во организација на Здружението за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“.

Претседателката Сиљановска Давкова во своето обраќање изрази задоволство што е дел од осмата текстилијада и нагласи дека во изминатите седум изданија текстилијадата креативно покажа дека може активно да се дејствува, односно може да се стимулира граѓанското учество.

„Ставајќи акцент на текстилните работнички и работници и нивното вклучување во процесот на донесувањето одлуки, Здружението за заштита на работнички права „Гласен Текстилец“, мислам дека не само преку оваа манифестација, туку и преку многу проекти и програми, прерасна во глас на текстилците. Мислам дека е тоа глас за достоинствен живот, глас за достоинствени работни услови, глас за уважување на сите права на кои се навратив, глас за правда и за правичност“, рече претседателката Сиљановска Давкова.

Претседателката се осврна на примерите на нечовечност со кои се соочуваат текстилните работнички, како и за немањето слух за гласот којшто укажувал на невидена неправда и порача дека сите слабости што како држава и институции ги покажуваме во сузбивањето на негативните појави, особено врзани за оваа категорија на труд, мора да се искоренат, а како клучен фактор ги наведе граѓанскиот сектор, односно здруженијата.

„Ви порачувам да продолжите да бидете непоколебливо бунтовни, субверзивни – мојот омилен збор. Субверзивноста беше причината заради која јас влегов во политиката, за да ги остварите своите цели, за да помогнете во решавањето на горливите прашања, за да иницирате дијалог, за да градите партнерства“, порача претседателката.

Претседателката Сиљановска Давкова, нагласувајќи го меѓународниот карактер на текстилијадата како важен чекор, потенцираше дека силата на една држава, или силата на едно општество не е само во економијата, во животниот стандард и во технолошкиот развој, туку пред сè во социјалниот капитал.

„Нема повредно нешто од човекот, во човечките ресурси, во вредностите што ги делиме и со кои живееме. Затоа јас посакувам да ја градиме Македонија како отворена, како социјална држава без оглед на партиската идеологија и определба“, порача претседателката Сиљановска Давкова во обраќањето на годинешната „Текстилијада – 8 “.

Претходно, во центарот на Штип, а во рамки на настанот, претседателката Сиљановска Давкова присуствуваше на откривање на уметничко дело – статуа на тема „Различни насоки, иста цел“, изработена од Никола Смилков.

Тема на годинешната „Текстилијада – 8“ е „Различни насоки, иста цел“, а е насочена кон нагласување на различните пристапи што ги преземаат здруженијата, синдикатите, институциите и властите на локално и национално ниво за подобрување на работните услови и правата на работниците и работничките, како и општествено одговорните модни брендови, компаниите, работодавачите и организациите кои се стремат да ги подобрат работните процеси и продуктивноста на работниците и работничките.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.