Очигледни се длабоките поделби меѓу нациите внатре во Генералното собрание, а тие ја одразуваат само вистинската поделба што постои денеска во светот. Денеска и Генералното собрание како и светот се наоѓаат пред катарза. Ова е последниот момент или повик пред прославата на 80 години од ОН. Зошто го велам ова? Затоа што ОН во 1945-година настанаа како еден темелен мировен проект и еден антиколонијален проект, а денеска сме соочени со војна, вели во интервју за МИА претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која ја предводи македонската делегација на 79. Генерално собрание на ОН.

Значи, ОН мора да се соочат со потребата од темелни реформи, институционални, фукционални односно во процесот на одлучувањето, но најмногу во инволвирањето на сите членки на ОН во донесувањето на клучните одлуки. Најрадикалните или најстрогите, меѓу кои сум и јас, морам да кажам, сметаме дека декоративните промени нема да го продолжат животот на ОН – рече претседателката Сиљановска Давкова.

Не смета дека тие реформи скоро ќе почнат, посочувајќи дека многу челници повикале на сериозни реформи, но она што ја продлабочило поделбата било клучното прашање – односот кон војните.

Обраќањето на претседателката Сиљановска Давкова на Генералното собрание е утре попладне по македонско време. Таа вели дека нејзината порака ќе ја пренесе на македонски јазик и дека, меѓу другото, ќе потсети на нашата решеност за мирољубивост, дијалог и за почитување на меѓународното право.

Всушност ќе ја доразвијам, бидејќи утре ќе имам 15 минути време, утре на македонски јазик. Завчера зборувавме за иднината на светот ама јас сега сакам иднината на светот низ македонскиот збор, низ македонската реч. Значи ќе ги развијам основните тези – ќе ги потсетам на тажната македонска приказна во чија креација учествуваа ОН, низ се што поминавме, ќе потсетам на нашата решеност мирољубиво, низ дијалог секогаш да се почитува и да го почитуваме меѓународното право. Ќе укажам на основните проблеми на човештвото, меѓутоа сега со поголема аргументација, на мирот, на безбедноста, Совет за безбедност имаме ама амбиентот е небезбеден, секаде па дури и овде во Њујорк – вели претседателката Сиљановска Давкова.

Во интервјуто за МИА дадено во Њујорк, на маргините на Генералното собрание на ОН, меѓу два состаноци, претседателката одговара и на прашањата за тоа дали ние како мала држава треба да ја менуваме нашата позиција имајќи ги предвид сите промени кои доаѓаат со глобалните текови вклучувајќи ги и војните, за тоа кој е нејзиниот став за францускиот предлог плус, за Советот за безбедност, но и за средбата со дијаспората и за формирање на советите за млади и за дијаспора.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.