Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Кралството Шпанија, Рафаел Сориано Ортиз.
Како што соопшти Кабинетот на претседателката, на церемонијата на предавање на акредитивните писма, Сиљановска Давкова оценила дека двете пријателски земји ги поврзуваат 30 години на богати дипломатски односи, традиционално и искрено пријателство, засновано на разновидна соработка, меѓусебно почитување и отворен пристап, посочувајќи дека ваквата заедничка определба претставува уште еден мост во градењето на поцврсти пријателски односи меѓу нашите две земји.
Ја користам оваа прилика да искажам и уважување за досегашната поддршка што Шпанија ја дава на нашиот евро-интегративен процес. Силно сме посветени на спроведувањето на домашните реформи со свежа енергија. Поддршката на Шпанија е од особено значење за постигнување на реформските цели. Очекувам, во претстојниот период, поддршката засилено да продолжи и, во таа смисла, се надевам дека и Европската Унија ќе покаже појасна посветеност кон проширувањето, истакнала претседателката Сиљановска Давкова, додавајќи дека Шпанија е важен партнер и НАТО сојузник, земја која се залага за исти цели како и нашата држава.
Сиљановска Давкова изразила уверување дека пред двете држави претстои успешен период, со изразени можности за јакнење на соработката, како на билатерален, така и на меѓународен план.
Во своето обраќање, амбасадорот Рафаел Сориано Ортиз истакнал дека по однос на пристапните аспирации на нашата држава, Шпанија е цврст бранител на процесот на проширување.
Се наоѓаме пред одлучна фаза од овој процес кој мора да го искористиме. Мојата земја брани една европска политика која како суштинска компонента ја има проширувањето на европското семејство со цел создавање на заеднички простор на правила и вредности со кои ќе се обезбеди добросостојба на нашите граѓани, како и на нашето успешно учество во предизвиците од глобализацијата, нагласил амбасадорот Сориано Ортиз.
Шпанскиот амбасадор посочил дека еден од нивните приоритети ќе биде и образовната и културната соработка, при што ги посочи промовирањето на универзитетските размени, заедничките истражувања и изучувањето на шпанскиот јазик како примарни цели, како и создавањето на културни простори за размена и споделена рефлексија, што ќе придонесе за меѓусебно подобро познавање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.