Не пропуштаат и не пропуштија ниту осомничената јавната обвинителка Ивана Трајчева, ниту суспендираната јавната обвинителка Вилма Русковска во сите нивни настапи да го спомат случајот „Софтвери“ како предмет со кој сметаат дека ја покажале својата неселективност, професионално делување и успешност во работата. Познава историјата доста личности кои се гордееле со своите дела-недела, и заради нечистата совест барале публиката да им ги одобри потезите со аплауз“, вели во својот редовен допис до медиумите поранешниот генсек на владата, Драги Рашковски.

„Деновиве слушнавме дека Амбасадата на Соединетите Американски Држави издвоила милионски суми за обука на активните учесници во правосудниот систем, меѓу кои се и обвинителите. Потег кој само потврдува за каков вид на пријателство се работи имајќи ја во предвид народната поговорка “Ако сакаш да е човек среќен еден ден нахрани го – Ако сакаш да е среќен цел живот научи го да лови”. Токму тоа е целта на било која обука – да се научи некој “самостојно да лови”.

Дигиталната форензика е наука, но и техника на собирање на докази кои не зависат и не треба да зависат од правните норми, затоа што тие подлежат пред се на природни закони. Првите пишани правила во вид на технички норми – упатства или прирачници – доаѓаат токму од САД. Одтука мислам дека нема сомнеж дека и при споменатите обуки е опфатена и дигиталната форензика и синџирот на чување на докази, уште повеќе што опремата која е дадена како донација за обавување на дигитална форензика е исто донација од САД.

Една од водечките институции во САД која има и основна функција да се занимава со дигиталната форензика е Националниот институт за правда која е служба за истражување, развој и напредување при Министерството за правда на САД. За споменатите потреби тие го имаат создадено “ПРИРАЧНИК ЗА ПОЛИТИКИ И ПОСТАПКИ ЗА ДИГИТАЛЕН ДОКАЗ”.

Во него се вели:

Пребришливата природа на податоците на овие уреди бара соодветно одземање за да се зачува интегритетот на податоците и да се обезбеди нивната доказна вредност во правните постапки.

НАСПРОТИ ТОА ИМАМЕ:

Во ОЈО ГОКК никој не знае да каже каде биле уредите од моментот на одземање до моментот на предавање на лицата задолжени за некаква екстракција.

Понатаму во прирачникот се вели:

Уредите, исто така, мора да се обработуваат правилно, без разлика дали податоците што ги содржат се компромитирачки или ослободувачки. Подеднакво е важно овие уреди да се складираат на начин што ќе ги зачува податоците во нивната првобитна состојба за испитување од страна на одбраната и за воведување на оригиналниот предмет во судот кога е потребно.

НАСПРОТИ ТОА ИМАМЕ:

Уредите кои со наредба се одземени и се предадени на ОЈО ГОКК, се даваат на полициски службеници кои немаат овластувања ниту квалификации за дигитална форензика, а на видео запис кој ќе биде јавно објавен се гледа како на лица кои се само стручни соработници им се дава пристап ни помалку ни повеќе ДО СИТЕ ДОКАЗИ ЗА СИТЕ ИСТРАГИ И ПРЕДИСТРАГИ, компромитирајќи го на тој начин целокупниот “обвинителски опус” на сите останати колеги.

Поматаму во прирачникот се вели:

Целиот персонал назначен или вработен во лабораторијата за дигитална форензика е одговорен за сигурноста и безбедноста на лабораторијата. Мора да се вложат сите напори постојано да се одржува безбедноста на лабораторијата и да се осигура дека неовластени лица не влегуваат во лабораторијата.

НАМЕСТО ТОА ИМАМЕ:

Ќе објавиме и видео материјал со исказ на ОЈО ГОКК “вештакот кој не е вештак”, а кој си замина во Финансиска полиција, како детално опишува за чувањето на уредите во обично шкафче наместо во антистатски пакувања, и како клучевите од просторијата ги имале и двете обвинителки.

Дигиталната форензика не е нешто кои ние треба да го измислиме, Туку, треба да ги прифатиме стандардите на целиот напреден свет. Несомнено, таквите стандарди кои се унифицирани и само се надополнуваат ги имаат и ФБИ во “Директивата за корпоративна политика за дигитални докази и Водич за имплементација на политики” и Интерпол во “Глобалните насоки на ИНТЕРПОЛ за лаборатории за дигитална форензика”.

Сигурен сум дека ќе имаме убава “дигитално-форензичка пролет”, посочува Рашковски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.