Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе учествува на четвртата средба на шефовите на држави или влади на членките на Европската политичка заедница во Оксфорд.
Малкумина знаат што е тоа Европска политичка заедница и зошто е значајна.
Европската политичка заедница беше иницирана од францускиот претседател Емануел Макрон за време на претседавањето на Франција со ЕУ како платформа за поттикнување политички дијалог и соработка за решавање на прашања од заеднички интерес и за зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент.
Одлуката за основање на Европската политичка заедница беше донесена на заседанието на Европскиот совет во јуни 2022. Целта на Заедницата е политичка координација и таа не претставува замена на ниту една постоечка организација, структура или процес.
Претходните три самити на Европската политичка заедница се одржаа во Прага на 6 октомври 2022 година, во Кишињев на 1 јуни 2023 и во шпанскиот град Гранада на 5 октомври 2023 година.
На првиот Самит во Прага, лидерите главно разговараа за прашања поврзани со мирот и безбедност, особено за руската агресија врз Украина и енергетската криза што таа ја предизвика.
На следниот собир во Кишињев главни теми на дискусија беа заедничките напори за мир и безбедност, зајакнувањето на енергетската отпорност и поврзувањето и мобилноста во Европа.
Во Гранада во лани во октомври, лидерите дебатираа за тоа како Европа да се направи поотпорна, попросперитетна и геостратешки позначајна.
Следниот Самит на Европската политичка заедница предвидено е да се одржи на 7 ноември годинава во Будимпешта.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.