Ја поддржуваме Македонија во нејзиното барање и определба да биде полноправна членка на Европската Унија, вели шпанскиот амбасадор Хозе Луис Лозано Гарсија во неделното интервју за Радио Слободна Европа.
Прашан дали уставните измени за вклучување на Бугарите во македонскиот Устав се гаранција дека Бугарија нема да поставува дополнителни услови за блокирање на евроинтеграцискиот процес на државава, одговара дека не е исклучена можноста дека во процесот на преговори може да се отворат и други барања од други земји членки, дури и доколку бидат усвоени уставните измени, од кои зависи одржувањето на Втората меѓувладина конференција.
-Назад во јули 2022 година, заклучоците беа усвоени врз основа на Договорот за пријателство и ова е дел од процес. А тој процес можам да кажам со задоволство дека преговорите беа отворени во јули 2022 година. За да продолжат постои јасен услов, а тоа е промена на Уставот и има потреба од тоа. Дали тоа ќе значи крај на пречките? Не сакам да пратам песимистичка порака, напротив. Она што ние го кажуваме, но и другите ЕУ инстанци, од земјите членки е дека кога сте во процесот, за да се свика Втората меѓувладина конференција, треба да го исполните тој услов, односно да се усвојат уставните измени и тогаш работите ќе добијат друга насока. Можеби ќе има други услови и барања од други земји, но на крајот работите ќе добијат друга димензија и важност. Што ќе значи ова? Дали ова ќе биде последна пречка? Можеби ќе има многу други пречки, вели амбасадорот Гарсија.
Тој истакнува дека е важно што скрининг процесот заврши прилично успешно. – Нема да ги цитирам локалните изјави, туку пристапот на Брисел. Подготовките за да станете полноправна членка се високо оценети. Нема да дебатирам за тоа, бидејќи Европската комисија ги има деталите. Значи, состојбата е јасна. Втората меѓувладина конференција ќе се одржи веднаш откако ќе се донесат уставните измени, наведува амбасадорот
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.