Државниот секретар за федерални и европски прашања на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија, Марк Шпајх, за „Дојче веле“ изјави дека мора да се забрза процесот на пристапување на Македонија во ЕУ и оти е разбирлива растечката фрустрација меѓу македонските граѓани за пристапувањето на државата кон Унијата, поради што Германија мора да стори нешто за да го забрза процесот.
Можете да го почувствувате тој скептицизам или таа растечка фрустрација од процесот на пристапување кон ЕУ. И да бидам искрен, има добра причина за тоа. Мислам, процесот на пристапување сега трае 20 години и сè уште нема исход, така што тоа предизвикува фрустрација. За мене е многу разбирливо, па би рекол дека најдобриот начин да се оди напред е да се забрза процесот и мислам дека тоа мора да се случи од страна на ЕУ. И очигледно знаеме дека има одредени вето играчи и целата таа многу сложена игра. Но, мислам дека тука треба да ја примениме политичката моќ и мислам дека Германија треба да игра клучна улога овде во надминувањето на тие пречки. Единствениот начин да се спречи таа фрустрација е да се стави крај на процесот на пристапување, а крај за мене значи членство, вели Шпајх во разговор за ДВ на македонски јазик.
Шпајх неделава беше во дводневна посета на Скопје и имаше средби со највисоките политички и економски претставници, се сретна и со група млади новинари кои учествуваат во проект за борба против дезинформации финансиран од владата на Северна Рајна Вестфалија.
Тој вели дека Германија нуди бројни можности за младите од Македонија, но фокусот притоа е да не се поттикнува „одлив на мозоци“.
Ние нудиме пракса во компании во Германија, но не за да им понудиме можност да останат во Германија за да работат, туку да ги вратиме како амбасадори за можностите што постојат овде во однос на економските активности. Се работи за можностите за отворање на производство овде во оваа земја. Поврзување на нашите две стопанства многу поблиску отколку што е случајот денес. Она што го гледаме е дека тоа навистина се случува. Некои од оние кои стажирале во Германија, сега се вработени во подружници на тие компании овде во оваа земја. Овие врски сѐ уште растат не се толку големи, но мислам дека тоа е она што јасно го гледам и оваа можност е потценета во нашиот регион, вели Шпајх.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.