Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска од општина Бутел порача дека како партија не се мешаат околу случувањата и поделбите во Алијанса на Албанците.
-Седиме на страна затоа што непримерно е тоа што го прават СДСМ и ДУИ – директно се вклучени. Шокиран од таквото однесување од страна на првенците на ДУИ и СДСМ, но тоа не е нивна работа. Не сакаме да се мешаме во внатрешните работи на политичките партии, истакна Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.
Во однос на рејтингот на нивните предлози за претседател на државата, Мицкоски рече дека во моментов има тројца кандидати, на кои им се мери популарноста.
Втората по големина албанска партија во Македонија, Алијансата за Албанците, донесе одлука за разрешување на претседателот Арбен Таравари на вчерашната седница на партиското Собрание.
Се очекува разрешувањето да биде официјализирано на вонредниот конгрес на партијата на 18 февруари, каде се очекува изборот на нов претседател, како и конечната одлука дали Алијансата за Албанците ќе оди сама на изборите или во коалиција со друга политичка партија или блок.
Лидерот и основач на партијата, Зијадин Села, веста за иницијативата за смена на Таравари ја соопшти по седницата на Собранието, а за иницијативата, според него, застанале 106 од вкупно 108 членови на Централното собрание.
Повод за иницијативата е постапката на Таравари, кој реши сам и без претходна дискусија со партијата, на својот Фејсбук профил да објави дека партијата ќе се приклучи на здружената албанска опозиција против Демократската унија за интеграција.
Од друга страна, Таравари не се одзва на поканата на Собранието и одби да учествува.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.