Се наоѓате во клучен момент од вашата евроинтеграција. Не е наша задача да ви кажеме што да правите, наше е да ја споделиме перспективата дека е време да ги искористите можностите кои ги имате сега создадени по руската агресија во Украина. Наредната година ќе биде потешко, бидејќи ЕУ веројатно повеќе ќе се концентрира на самата себе во контекст на институционалните промени што ќе следат по одржувањето на изборите за Европскиот парламент.
Ова меѓу другото го истакнува Шимон Шинковски вел Сенк, министер за Европска Унија на Република Полска во разговор за МИА заедно со неговите колеги од Германија и Франција, Ана Лирман и Лоренс Бун.
Важно е да се нагласи, и затоа сме тука заедно со моите колеги од Германија и Франција, дека Македонија се наоѓа во клучен момент во однос на нејзината ЕУ перспектива. Првиот аспект е руската агресија во Украина. Ова значи страдање за украинскиот народ, но од друга страна отвори нов политички поглед во многу аспекти. Само ќе споменам дека Македонија се приклучи на НАТО, како што направи и Финска, а тоа донесе нова перспектива во проширувањето на Алијансата. Тоа исто така значеше нова перспектива за проширувањето на ЕУ бидејќи Украина и Молдавија добија статус на земји – кандидати. Вториот аспект се изборите за Европскиот парламент следната година, проследено со институционални промени во рамките на ЕУ, нова Европска комисија. Ова значи дека во наредните месеци имаме отворена можност. Следната година ЕУ веројатно повеќе ќе се концентрира на самата себе во контекст на институционалните промени. Следните недели и месеци претставуваат можност што треба Македонија да ја искористи за да направи чекор напред кон интеграција во ЕУ и ние сме тука да ги поддржиме тие чекори, нагласува Шинковски.
Прашан може ли безбедносниот аспект кој го доби проширувањето по војната во Украина да ги скрати постапките за прием во ЕУ и да го забрза процесот на реформи во управувањето и одлучувањето во самата Унија, полскиот министер нагласува дека безбедносната димензија отсекогаш била дел од самиот концепт на ЕУ, но сега станала повидлива.
Безбедносната димензија во процесот на проширување беше секогаш присутна затоа што Европската Унија е мировен проект воспоставен од Шуман и Моне, и можеби е уште поактуелен сега од оваа перспектива бидејќи имаме војна во Европа. Го гледаме она што Полска го виде претходно и кажа за оваа закана од страната на Руската Федерација, и мислам дека оваа перспектива сега е повидлива за другите земји членки на ЕУ и ова е можност да се поттикне процедурата за проширување. Така што во овој контекст мислам дека членството во НАТО на нашите три земји, но и на Македонија и членството во ЕУ на нашите три земји и идното членство на Македонија треба да бидат комплементарни, нагласува полскиот министер за ЕУ.
Според него и зајакнувањето на одбранбени капацитети се исто така суштински во тој контекст, но одбранбените способности значат не само способности во однос на воените капацитети на одбраната, туку на пример и енергетската независност, што е многу значајно.
Мислам дека тоа е предизвик и за идното проширување на ЕУ и е исто така шанса за Македонија и другите земји кандидати на ЕУ да станат повеќе способни да се бранат и во услови на економски препреки, нагласува Шниковски.
За тоа како после сите блокади и одолговлекувања низ годините да се врати поддршката за ЕУ во земјава и кредибилитетот на евроинтегративниот процес, полскиот министер со три поенти – дека можеме да сметаме и понатаму на доследната полска поддршка која не е само политичка туку и многу конкретна, дека и ЕУ во иднина треба подобро да ги исполнува своите ветувања и обврски, но и дека одлуката за европскиот пат е во наши раце.
Најпрво, бидејќи ја споменавте перспективата на нашето претседателство и подготовките. Точно е дека еден од четирите приоритети на нашето претседателство ќе биде процесот на проширување, а тоа значи дека ќе можете да сметате на нашата доследна поддршка на вашиот европски пат и тоа не само во симболична и политичка смисла, туку и во однос на конкретни проекти. Одвоена е одредена сума која сега се користи за поддршка на развојни проекти во Македонија, отпочнавме и други проекти за поддршка на локалните заедници, имаме гранични патроли кои ви помагаат во обезбедувањето на граничните премини. На тој начин ви пружаме правична и јасна поддршка кон вашиот европски пат. Ова е последица на втората поента. Преку нашата постојана поддршка во минатото за вашиот влез во ЕУ, можам да кажам дека го разбирам вашето разочарување, бидејќи и ЕУ има задача подобро да ги исполнува своите ветувања и обврски во иднината. Ова е исто така прашање на кредибилитетот на ЕУ, и затоа можам да ви ветам, и сигурен сум дека и моите колеги го делат истото мислење, дека кредибилитетот на ЕУ може да се подобри со процесот на проширување, вели министерот Шинковски.
Сепак, дециденен е, на политичарите на земјава е да ја донесат одлуката дали ќе продолжите на патот кон постигнување на полноправното членство во ЕУ.
Третата поента е дека сега останува одлуката што Македонија треба да ја донесе, тоа е самостојна одлука на македонските политичари. Не е наша задача да ви кажеме што да правите. Наша задача е да ја споделиме перспективата дека е време да ги искористите можностите кои ги имате сега, бидејќи наредната година ќе биде потешко. Затоа сега треба да преземете понатамошни чекори и да направите одреден напредок во текот на есента. Но, сепак, тоа е самостојна одлука на Македонија, порачува полскиот министер за ЕУ Шимон Шинковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.