Пред точно шест години, на 17 јуни 2018 година, во малото село Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското езеро од грчка страна, Скопје и Атина го потпишаа Договорот од Преспа со кој се затвори долгогодишниот спор меѓу двете земји, Република Македонија го смени името во Република Cеверна Македонија и се отвори патот кон евроатлантската интеграција, но и кон нови перспективи во билатералните односи со Грција.

Договорот беше постигнат во период кога кај јужниот сосед на власт беше СИРИЗА, кај нас СДСМ и го потпишаа тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас, а во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.

Осум месеци по потпишувањето и откако беше ратификуван во нашето Собрание и во грчкиот Парламент, Договорот, на 12 февруари 2019 година и официјално стапи во сила.

Согласно договореното, Република Македонија се преименуваше во Република Cеверна Македонија, државјанството стана македонско/државјанин на Република Cеверна Македонија, а јазикот македонски.

Земјата стана 30-та членка на НАТО и (делумно) се отвори патот за членство во Европската Унија, а

На решението му претходеа преговори што траеја 27 години, периодично беа со позасилено темпо и почести средби, но имаше и периоди кога беа во застој и прекин, но секогаш завршуваа без заемно прифатливо решение, се до крајот на 2017 година кога се интензивираа разговорите по речиси тригодишен застој и беше постигнат Договорот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.