Негувањето, заштитата, унапредувањето и афирмацијата на македонскиот јазик може да се издига само врз цврсти темели, што ги поставува образованието. Оттука и важноста на континуираното вложување во подобрувањето и развојот на образованието, што за оваа Влада и за Министерството за образование и наука е приоритет, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири на одбележувањето на Денот на македонскиот јазик, во организација на Министерството за култура.

Министерот нагласи дека темелната реформа на образованието што почна оваа учебна година, продолжува етапно и следната.

Оваа година учениците од прво и четврто одделение изучуваа македонски јазик од нови материјали за учење, а следната учебна година јазични компетенции од нови учебници ќе стекнуваат и учениците од второ и од петто одделение. Во тек е Јавниот оглас за рецензенти на учебници и ги поканувам наставниците кои ги исполнуваат условите да се пријават, затоа што стручното вреднување на учебниците ги ослободува од грешки, посочи Шаќири.

Нагласувајќи ја клучната улога на наставникот во градењето правилен однос на ученикот кон стандардниот македонски јазик и неговите правописни правила, министерот Шаќири укажа на важноста на педагошките факултети во создавањето квалитетни наставници, кои ја  воспитуваат и обрзуваат иднината на оваа држава.

Добрите наставници се пресудни за добро образование. Ме радува што оваа академска година бројот на запишани студенти во прва година, во прв циклус на студии на студиската програма по македонски јазик е речиси двојно поголем од минатата година.  Во 2021/22 запишани се 25 студенти, наспроти 14 во академската 2020/21. Ова е резултат на активните политики за стипендирање на Министерството за образование и наука, со кои ги поттикнуваме студентите да ги одберат токму програмите за образование на наставен кадар, укажа министерот.

МОН воведе посебна категорија на стипендии за студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи, кои постигнале особено висок успех во учењето од првата до тековно запишаната студиска година, најмалку 8,00 просечен успех и тоа за студенти запишани на студиски програми по македонски јазик, македонска книжевност и јужнословенски книжевности.

Во делот на науката, Министерството за образование и наука го финансира работењето на Јавната научна установа Институт за македонски јазик ,,Крсте Мисирков‘‘Скопје, вклучувајќи ја издавачката дејност, учеството на меѓународни конкурси и научни конференции во странство како  и организација на научни собири во земјата. Лани, Министерството за образование и наука ја поддржа и ја операционализира одлуката за трајно откупување на материјалните права од составувачите на Толковниот речник на македонскиот јазик и тој е сега јавен ресурс, достапен за сите што сакаат да го користат македонскиот јазик, граѓаните на Македонија,  сонародниците од македонската дијаспора и сите други заинтересирани поединци, научници и деловни луѓе во целиот свет.

Осврнувајќи се на актуелните предизвици поврзани со македонскиот јазик, министерот Шаќири потенцираше дека клучот за нивно надминување се наоѓа во научната мисла, која потврдува дека македонскиот јазик има и просторен и временски континуум, ги има поминато сите фази на создавање, кодификација, пробив и препознавање, и денес е меѓународно признат како посебен јазик и е дел од светската ризница на јазици.

Денот на македонскиот јазик се одбележува по четврти пат, во чест на 5 мај 1945 година, кога тогашната Влада на Народна Република Македонија ја усвојува азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.