Добро здравје и успешен почеток на второто полугодие од учебната година на учениците и наставниците им посака министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој претпладнево го посети основното училиште „Битолски конгрес” во скопската општина Чаир.
Истакна дека директорите на сите основни и средни училишта со кои комуницирал во изминатите десет дена го известиле дека се подготвени за настава со физичко присуство и апелираше доследно да се почитуваат антиковид-протоколите за да се заштити здравјето и училиштата да останат отворени до крајот на учебната година.
Најважна информација е дека училиштата се подготвени. Најрадосен сум што во училниците видов деца кои се радосни за почетокот на второто полугодие и дека се во училиштата. Ќе бидеме во секојдневна комуникација со претставници на сите училишта за нови случаи и секој ден ќе ја имаме предвид реализацијата на наставата. Директорите кажуваат дека нема огромен број позитивни наставници, професори или деца – рече Шаќири, додавајќи дека не може со претпоставки да одговори како ќе се одвива наставата и дека ќе се почитува секоја препорака на надлежната Комисија за заразни болести.
Од состанокот на Комисијата денеска се очекуваат и насоки како ќе се реализира најавениот скрининг во училиштата по случаен избор на учениците.
Во врска со барањата учениците да следат настава без заштитни маски, Шаќири одговори дека „ќе има средба со сите што мислат различно”, но дека сите протоколи, вклучително и носењето маски, се препораки од Комисијата и тие треба да се почитуваат.
Додаде дека Комисијата за заразни болести е известена за тие барања и дека денеска или на нареден состанок ќе одлучува за тоа, а МОН ќе го почитува нејзиното мислење.
Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, соопшти дека наставата од второто полугодие на учебната 2021/2022 денеска почнала со физичко присуство за над 8300 ученици во деветте училишта на територијата на општината.
Бев информиран од директорите на сите училишта за подготовките за почеток на второто полугодие. Сите мерки и протоколи се испочитувани и исполнети, рече градоначалникот Ганиу во ОУ „Битолски конгрес”
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.