Владата на Република Македонија попладнево одржа вонредна седница, со цел обезбедување итна помош за Република Турција, по катастрофалниот земјотрес што ја погоди земјата со големи човечки загуби, повредени граѓани, како и големи материјални штети.

Министерството за надворешни работи информираше дека има државјани од Македонија во погодените подрачја во Турција, кои се наоѓаат на безбедни локации и меѓу кои нема жртви и повредени. Почесниот конзулат, според информацијата од МНР, има подготвено планови за сместување, брза медицинска помош и поддршка со храна и пијалаци за наши државјани, доколку за тоа се појави потреба.

Владата го задолжи МНР, преку дипломатско конзуларните претставништва на Република Македонија во Република Турција (Анкара и Истанбул), да ги координира активностите за евакуација на државјаните на Република Македонија од погодените подрачја.

Владата, на предлог на Министерството за надворешни работи, на денешната 126 седница, донесе неколку заклучоци.

Се задолжува Министерството за финансии да подготви и до Владата да достави одлука за одобрување на средства од резервите на Буџетот на Република Македонија за 2023 година, во износ од шест милиони денари за помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес.

Се задолжуваат Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, во координација со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, итно да подготват и до Владата да достават соодветна одлука за испраќање на сили/тимови за заштита и спасување, коишто ќе се вклучат во погодените подрачја, како и одлука за испраќање хуманитарна помош за заштита и спасување во Република Турција.

Се задолжува Министерството за одбрана во рамките на своите надлежности итно да подготви и до Владата да достави одлука за обезбедување соодветна помош во персонал, опрема во вид на механизација, шатори, душеци, ќебиња, грејни тела и друг вид соодветна помош.

Се задолжува Министерството за здравство, во рамките на своите надлежности, итно да подготви и до Владата да достави одлука за обезбедување помош во вид на медицински персонал, медицинска опрема и лекови.

Се препорачува, Црвениот крст на Република Македонија во рамките на своите законски надлежности и можности, во соработка со надлежните институции, да се вклучи во акцијата за обезбедување помош на настраданите, со испраќање тимови и друг вид хуманитарна помош, соодветна за вакви природни катастрофи.

Владата го задолжи Генералниот секретаријат на Владата во соработка со  МНР, да преземе активности во насока на итно префрување на одобрените средства од Буџетот, како и да одржува редовна комуникација со Амбасадата на Република Турција во Република Македонија, со цел спроведување на одлуката.

Владата, на предлог на Дирекцијата за заштита и спасување, донесе одлука во санирањето на последиците од земјотресот во Турција да се испратат 40 лица од Дирекцијата за заштита и спасување – припадници на републичките сили за заштита и спасување.

Од Дирекција за заштита и спасување се обезбедува и комплетна специјализирана опрема и материјално – текхнички средства за пребарување и спасување од урнатини, шест возила за транспорт на опремата и луѓето и две противпожарни возила.

Финансиските трошоци за оваа намена ќе се обезбедат од средства на Дирекцијата за заштита и спасување.

Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе одлука за испраќање хуманитарна помош за заштита и спасување во Република Турција и тоа 10.000 ќебиња и 200 санитетски носила.

Владата, исто така на предлог на Министерството за одбрана, донесе одлука за испраќање тим за заштита и спасување од Министерството за одбрана во Република Турција, за учество во давање помош на Република Турција.

Во санирањето на последиците од земјотрес, се испраќаат вкупно 24 лица припадници на Министерството за одбрана – Армија на Република Македонија, од кои 22 лица од Баталјонот за специјални сили и две лица водачи на службени кучиња, со две кучиња, од Командата за обука и доктрини на Министерството за одбрана.

Финансиските трошоци за оваа намена ќе се обезбедат од сопствените средства на Министерството на одбрана, се наведува во соопштението од владината прес-служба.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.