Во рамки на Преспа форумот за дијалог се одржа сесија насловена “Европскиот мировен проект во Западен Балкан”, чиј домаќин беше првиот заменик Претседател на владата и министер за политички систем и односи  меѓу заедниците, Артан Груби.

Во своето обраќање, Груби упати силна порака за посветеноста на Македонија во надминување на спорот со Бугарија, како и потребата од забрзување на евроинтегративните процеси на сите земји од Западен Балкан, што е од интерес за целокупната регионална и европска безбедност.

“Го потпишавме Договорот од Преспа изменувајќи го Уставот и на светот му покажавме најдобар пример за миротворство, модел на решавање на сите спорови. Раката на помирување со пријателската земја Грција ни ги отвори вратите на НАТО и веќе на патот кон Европската Унија воспоставивме одржливи пријателства. Во спорот со соседна Бугарија правиме се што е во наша моќ да ги усогласиме нашите позиции и да го одблокираме нашиот пат на интеграција преку ново пријателство” – нагласи Груби

На сесијата обраќање имаа и специјалните гости – Никос Дендиас, министер за надворешни работи на Грција и Гордан Грлиќ – Радман, министер за надворешни работи на Хрватска. Беше уаптена јасна порака за потребата од што поскоро заокружување на европскиот пристапен процес, кој воедно е и мировен проект.

Дополнително, обраќања имаа и  Пасквал Наваро, државен секретар за ЕУ во шпанското министерство за надворешни работи, Корнелиус Корнелиу, постојан секретар во кипарското министерство за надворешни работи, Мирослав Лајчак, специјален претставник на ЕУ за Западен Балкан, Алан ле Роа, поранешен француски амбасадор, Алберт Хани, генерален секретар на Регионалната канцеларија за младинска соработка и Илхан Кјучук, европратеник и известител за Македонија во Европскиот парламент.

Покрај европските и евроатлантските перспективи на земјите од регионот, на сесијата беа разменети мислења за трансформацијата на регионот од историја на конфликти и спорови до функионални општества кои споделуваат демократски вредности. Во однос на Македонија, фокусот беше поставен на трите договори – Охридскиот рамковен договор, Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија, кои воедно претставуваат и темелна идеја на ПФД и пример во регионот за надминување на спорови, изнаоѓање решенија и помирување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.