Кризата со храна и енергија предизвикана од конфликтот во Украина предизвика натамошни последици за социјалната кохезија, економскиот развој и фискалниот простор во Македонија. Од континуираниот раст на цените кои достигнаа највисоко ниво досега најмногу се засегнати децата и семејствата, порача претставничката на УНИЦЕФ Патриција ди Џовани на презентацијата на студијата „Ефектите од кризата со храна и енергија врз децата и семејствата во Македонија, изработена од Finance Think во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.
Во 2022 година во споредба со 2021 година цените се зголемени за 14 проценти при што цента на храната е зголемена за 22,7 отсто, а кај некои видови на храна зголемувањето е за 36 проценти. Овој ценовен шок најмногу ги засега семејствата со три и повеќе деца и оние со ниски примања кои најголем дел од семејниот буџет го трошат за храна – рече Ди Џовани.
-Во 2022 година зголемените цени на храната и на енергијата во сиромаштија доведоа нови 13.000 граѓани од кои 5.000 се деца. Во 2023 година се очекува да продолжи ценовната криза која ќе предизвика дополнителни 20 илјади луѓе да бидат на работ на сиромаштијата од кои 5.000 ќе бидат деца. Тоа значи дека 10 илјади деца ќе бидат во сиромаштија – посочи таа.
Министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека Министерството за економија уште од почетокот на кризата носи континуирани мерки за поддршка на граѓаните.
Покрај тоа што државата субвенционираше 80 отсто од електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи уште минатата година кога започна кризата креиравме посебна програма во Министерството за економија преку која се реализираше мерката за субвенционирање на сметката за електрична енергија за најранливите категории на граѓани. Мерката е продолжена и во текот на оваа година. Ја искористиле повеќе од 8.000 домаќинства кои биле поддржани со 600 до 800 денари за секоја фактура за струја, а доколку имаат заштеда на енергија повеќе од 10 отсто добиваат и дополнителни 200 до 300 денари – рече Бектеши.
-Како институција и Влада, сметаме дека се добредојдени ваквите анализи и конференции. Заклучоците од нив треба да бидат вклопени во владините програми во делот на менаџирање на енергетската и на економската криза. Повеќе од наодите, одржливите препораки и идеи кои ќе излезат од денешните дебати ќе бидат земени во предвид и ќе бидат вметнати во новите мерки за поддршка на најранливите граѓани – изјави Бектеши.
Заменик-министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин посочи дека Министерството за труд и социјална политика уште од време на ковид кризата со наменски и таргетирани финансиски мерки кон најранливите корисници и пензионерите делуваше на намалување или ублажување на ценовните шокови што ги наметнаа пазарите.
Сега во ек на економска криза и најавена криза за храна повторно сме исправени пред уште еден предизвик со кој треба да најдеме и спроведеме најдобри решенија и да обезбедиме заштита за сите. Ја зголемивме висината на посебниот додаток за 15 отсто за сите три подвидови на корисници. Дополнително во јануари се направени усогласувања на правата од социјална и детска заштита со трошоците на живот. Корисниците на правата за јануари добија за 14,2 отсто повисоки исплати на правата. За корисниците на посилен додаток тоа е зголемување на правото за речиси 30 отсто – рече Хусејин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.