Уставниот суд денеска ќе ја одржи 40. седница, на чиј дневен ред се шест иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за заштита на слободи и права.

На дневен ред е иницијативата со која се оспорените членовите 70, 131 и 135 во делот „Освен одредбите на членот 70 од овој закон кои ќе започнат да се применуваат од 1 јануари 2021 година“ од Законот за прекршоците.

Според наводите во иницијативата оспорените одредби се во колизија со член 68 од Законот за прекршоците којшто од една страна ја гарантира жалбата против решението за прекршок преку прекршочниот орган до Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, а од друга страна со членот 70 за истото прашање е предвидена и тужба до Управен суд со што подносителот наведува дека се предизвикува хаос во правниот сообраќај, односно странките немаат да знаат до која институција да бараат правна заштита. Се наведува дека оспорените одредби ја нарушуваат правната сигурност и се во спротивност со начелото на „владеење на правото“ кое е една од темелните вредности на Уставот.

Пред уставните судии ќе се најде и иницијативата за оспорениот член 44 став 2 од од Законот за социјалната заштита. Според подносителот на иницијативата Благоја Новески, оспорениот член од Законот, бил во спротивност со член 9 став 2 од Уставот бидејќи оспорената законска содржина ја ограничувала можноста лицето да го оствари своето право на надоместок заради попреченост поради возраста.

На седницата ќе биде разгледана и иницијативата поднесена на членот 205 од Законот за облига­циоските односи. Подносител на иницијативата смета дека одредбата од Законот не е јасна и предвидлива и го исклучува правното дејство на пресуди на Врховниот суд донесени во постапка на ревизија со кои се укинати или преиначени пресуди на пониските судови врз основа на кои била извршена присилна наплата на надо­местокот на штета означен во таа одредба и ја сведува ревизијата на неефикасно правно средство (повреда на правна заштита на сопстве­носта).

На денешната седница е и иницијативата со која се оспорените членови од Законот за кривичната постапка. Подносителката на иницијативата наведува дека оспорените одредби се нејасни бидејќи Јавното обвинителство е орган кој треба да ги гони сторителите на кривични дела, а со одредбите според неа станува орган кој одллучува дали постои или не кривично дело, дали делото е застарено, дали настапила амнестија или помилување. Подносителката одредбите ги оценува како спротивни на Европската Конвенција за човекови права и Законот за судовите, според кој секој има право на правично и јавно судење пред независен и непристрасен суд.

Исто така, на дневен ред е иницијативата за оспорената Одлука за донесување на Детален урбанистички план за Градска Четврт 3 04, Блок 04.05-Општина Карпош од март 2021 година, донесена на 5. вонредна седница на Советот на Општина Карпош и објавена во „Службен весник на Република Македонија” бр.4/2022.

Во иницијативата е наведено дека оспорениот детален урбанистички план ги руши темелните вредности врз кои е заснован уставниот поредок и дека донесената одлука мора да биде во согласност со ГУП на Град Скопје, бидејќи просторот од градска четврт кадешто е предвидено да се гради бензинска пумпа е планиран за зеленило и изградба на објекти со класа на намена А и Б, а тоа се објекти за домување и делумно комерцијални објекти, но не и објекти со класа на намена Е-инфраструктура во која влегуваат бензински пумпи. Се наведува дека не постојат услови за комунална супструктура за намена на објекти како бензинска пумпа и секоја таква градба би ја загрозило инфраструктурата и може лошо да влијае на здравјето на луѓето и на животната средина. Подносителката наведува дека општина Карпош нетранспарентно ја донела Одлуката за неспроведување на стратегиска оценка на влијанието врз животната средина.

Пред судиите ќе се најде и иницијативата со која е оспорена Одлука за донесување на Урбанистички план вон населено место за индустриска зона „Мауцкер”, КО Долно Лакочереј-вон град, општина Охрид, плански период 2013-2023, донесена од Советот на општина Охрид на 27.02.2015 година („Службен гласник на општина Охрид бр.2” од 03.03.2015 година).

Подносителката на иницијативата смета дека оваа одлука е спротивна на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, бидејќи со Урбанистички план вон населено место, општината урбанизира простор со намена индустриска зона во чиј делокруг може да се градат индустриски објекти со класа Г2- Лесна преработувачка и помалку загадувачка индустрија.  Според наводите, Урбанистичкиот план за Долни Лакочереј вон град е спротивен и на членовите 6,8 и 9 од Законот за управуваање на светското природно и културно наследство и обврската на државата за должна заштита на Охридскиот регион од активности кои можат да предизвикаат уништување и деградација на светското природно и културно наследство. Подносителката наведува дека при донесување на оспорениот урбанистички план Општина Охрид не водела сметка дека индустриската зона се наоѓа на само 700 метри од црквата „Св. Еразмо”-светско културно наследство и 900 метри од Охридското езеро(заштитено од УНЕСКО)

Барање за заштита на слободи и права, кое е поднесено од Дејан Владев преку Гоце Тасков, адвокат од Свети Николе се однесува на пресуда од 16.03.2020 година на Основен суд Свети Николе и пресуда  од 25.09.2020 година на Апелационен суд Штип.

Подносителот на барањето за заштита на слободите и правата наведува дека на 02.07.2019 година на прес-конференција во Свети Николе, во својство на претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ, објавил за присуство на случај со вирусот „коксаки“ во детската градинка „Рахилка Гонева“ од Свети Николе и дал изјава во која посочил дека раководството на градинката и градоначалникот на Свети Николе криеле за присуство на вирусот. Бил тужен за клевета и тужителите ги добиле споровите против него. Подносителот на барањето смета дека со наведените пресуди била сторена повреда на правото на мисла и јавно изразување на мисла загарантирано со членот 16 став 1 од Уставот и дека е дискриминиран по основ на припадност на политичка партија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.