Азил во некоја од земјите на ЕУ лани побарале 4.922 македонски граѓани, што е значително зголемување во однос на 2020 година кога нивниот број бил 1.230. Најголем број од нив се обиделе да најдат засолниште во Германија.

Податоците на Агенцијата за азил на Европската унија (EUAA) покажуваат општ тренд на зголемување на бројот на азиланти, како пред пандемијата, но Македонија се посочува како една од земјите каде што има драстично зголемување на бројките. Ако во 2020 година имало 1.230 баратели на азил во европските земји, сега бројката достигна до 4.922 барања поднесени од македонски граѓани. Од нив, 2.822 апликанти по првпат пробале да добијат азил, додека 2.170 граѓани повеќепати се обиделе да заминат од земјата во некоја од европските дестинации, пренесува Дојче веле.

Од вкупно 4.922 апликации, 1.859 барања чекале да дојдат на ред за разгледување повеќе од шест месеци. Тринаесет македонски граѓани побарале статус на бегалци во некоја од европските земји. Минатата година негативно било одговорено на 3.395 апликации поднесени од македонски граѓани, за разлика од 2020 година, кога биле одбиени 1.650 апликанти. Најголем број барања од Македонија за азил во Европа биле поднесени во 2015 година – над 15.600, но повеќето биле одбиени.

Најмногу барања за азил од македонски граѓани минатата година биле поднесени во Германија. Германската новинска агенција ДПА, повикувајќи се на статистиката на Сојузната агенција за миграција и бегалци (БАМФ), објави дека лани во Германија азил побарале над 4.500 лица од Македонија, што е значително зголемување во споредба со претходниот период.

Лицата од Македонија, во статистиката на БАМФ за претходната деценија, каде се прикажани десетте земји од каде доаѓаат најголем број баратели кои првпат поднесуваат барање за азил во Германија, не се појавуваат во последните пет години – од 2016 до 2020 година. Претходно, најмногу македонски баратели на азил се забележани во 2015 година – 9.083. Во 2014 година имало 5.614, во 2013 година – 6.208, во 2012 година – 4.546, а во 2011 година – 1.131 баратели на азил. ДПА наведува и дека во 2021 година се збележува голем удел на повторно поднесени барања за азил на лица од Западен Балкан кои претходно отпатувале од Германија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.