„Зошто нема ленти за дијабетичари? Ти си министер, ти треба да знаеш“, го праша револтирана пензионерка која рече дека боледува од десетина болести, министерот Фатмир Меџити, кој пред Поликлиниката Јане Сандански и денеска ја промовираше реформата во примарното здравство со која матичните лекари можат да припишуваат лекови за притисок, шеќер, белодробни болести, тироида и астма кои досега ги припишува специјалистите.

Откако заврши со давањето изјава министерот, пензионерката гласно го праша зошто нема ленти за дијабетичари.

А лентите кога ќе ги добиеме ние што сме со еден бубрег? Кога? Ти си министер за здравство, така? 12.500 денари пензија земам, две ребра имам извадено од рак, четири пати бешиката ми е оперирана од рак, имам извадено бубрег двапати сум оперирана, имам болна тироидна. Живеам тука во пензионерскиот дом. Не сум мажена, од болести не можев да се омажам, се разболев многу млада. И сега ленти купувам. Една нега земам мочана од 4.200 денари. Немам фамилија, ми изумреа сите, сестра една има стара. Се отепав пари давајќи за лекови. За срце примам декортин, шеќер имам се боцкам трипати на ден, рече пациентката.

Министерот Меџити ѝ пријде на пациентката и се обиде да ја смири, а притоа ѝ се извини за доцнењето на лентите.

Можам да ви кажам дека добро изгледате, добро се држите. Ќе има ленти. Навистина како министер се извинувам за тоа што доцнеа. Едно ве уверувам, јас како Фатмир Меџити, додека сум министер, нема да има доцнење со лековите, рече министерот Меџити.

Пензионерката му кажа дека има и ретка системска болест од која и отекува телото па побара помош за лекот кој ѝ помага, а министерот ги задолжи своите вработени да земат податоци за да може да ѝ помогне.

Меџити ја советуваше да не излегува во периодот од 10 до 18 часот додека траат горештините и ја испрати во инсулинската аптека да си подигне ленти за кои уверува дека се веќе достапни за пациентите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.