Во видео интервјуто во емисијата „На крајот од…“ за „Слободна ТВ, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, зборувајќи за себе, за позицијата на која е, за одговорноста истакна дека одговорноста е најважната карактеристика и во ниеден момент не треба да се заборави дека оној што е поставен на некоја функција, таму е за и во име на граѓаните. Во однос на Министерството за внатрешни работи кое Спасовски го раководи, тој подвлече дека со оглед на фактот што станува збор за институција која мора да преземе и репресивни мерки, покрај превентивните, секогаш има некој кој што не е задоволен поради напишана казна за сообраќаен прекршок, одземена возачка дозвола или низа други прекршоци или кривични дела, но затоа е посебно важна транспарентноста и неселективноста во работата.
Интенција на секој еден треба да е јакнење на демократскиот капацитет на институцијата. Ако јакне демократскиот капацитет на институциите, ќе јакне и демократијата генерално во едно општество, порача Спасовски, додавајќи дека најважно за еден политичар е да го слуша внатрешниот критичен глас, бидејќи покрај опсервациите од надвор, од луѓето кои ја следат работата на политичарите, покрај добиените забелешки, критики и пофалби, најсилна е самокритичноста.
Одговарајќи на прашање како се гледа себеси како политичар, Спасовски со став дека себеси си би се карактеризирал како еден непоправлив реалист: „Сакам да ги гледам реално работите кои ни се случуваат, секако со една визија за работите на долгорочна основа. Не од денеска за утре, туку подолгорочна, а остварлива, која што ќе донесе подобро утре за граѓаните, просперитет… Заради тоа што никогаш не е доволно добро она што го правите во општеството, секогаш има нешто што можете плус да направите, да го додадете – принципиелноста, чесноста, одговорноста пред граѓаните, да бидете близок до граѓаните, да ги слушате нивните идеи и потреби….“.
Во однос на младешките денови и за мотивите да влезе во политиката, но и конкретно во СДСМ министерот Спасовски, навраќајќи се на родното Куманово, каде завршил основно и средно училиште, но и на факултетските денови, откако меѓу царината и правото, го избрал Правниот факултет „Јустинијан Први“ на УКИМ во Скопје, призна дека во ниту еден момент не размислувал дека ќе бидам дел од политичкиот живот во државата.
Јас се гледав во струката, токму во тој дел, се гледав како адвокат, така и започнав како адвокатски приправник и сметав дека на професионален план во Куманово ќе ја развивам својата кариера. Во однос на партиската кариера, пак, започнав во СДСМ уште во 1994 година, формално член станав една година подоцна. А одбрав да бидам дел од таа партија затоа што верувам во идеологијата, во вредностите, во слободата, во еднаквоста, во правдата… И тоа се вредности кои што и семејно ги споделуваме. Така што можам да кажам дека станува збор и за семејна традиција, а и традиција на градот во кој што живеам, раскажа Спасовски.
На новинарското прашање за чиј партиски кадар се смета, на Црвенковски или на Заев, Спасовски категоричен: „Јас бев во политиката сите овие години во кои се сменија многу лидери на партијата – Црвенковски, Бучковски, Шеќеринска, Заев, сега и Ковачевски. Јас сум приврзаник на таа теза дека политичката демократија може да трае само ако во нејзината основа лежи социјалдемократијата. И секако, дека тоа мора да биде начин на живот кој ги признава вредностите кои ги негува социјалдемократијата. Секоја друга етикета за мене е неприфатлива. Основата е социјалдемократијата. Јас реков дека не влегов во политиката поради личност и нема да ја напуштам партијата поради личност. Длабоко во основата се социјалдемократските вредности“.
Што се однесува до други политичари, чии ликови и дела биле инспирација за Оливер Спасовски, неговиот избор падна на претседателот Киро Глигоров, пред сѐ поради споделување на истите вредности кон општеството, но и поради скромноста, големото искуство, мудроста, визијата за државата, филигрански прецизно донесените одлуки, што го направија да се профилира како татко на државата и граѓаните, додека истовремено успешно се избори државата да излезе од еден воен конфликт. Од светските лидери, пак, за него тоа е Нелсон Мандела – борец за правда, кој за својата идеја помина 27 години во затвор, а за тоа време јакнеше и отпорот против Апартхејдот, за на крајот да победи правдата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.