Никола Јакимоски од Охрид денеска беше најсреќен меѓу охриѓани. Тој беше највешт меѓу неколкуте стотини верници и успеа да го извади Чесниот крст од осветените води на Охридското Езеро.
Нo, на преносот на телевизија се виде дека иако Никола стигна прв до крстот, друго лице се обиде да му го истргне од рацете па така крстот се скрши, поголемиот дел остана во рацете на вистинскиот фаќач, а еден помал дел кај оној што насила сакаше да му го земе.
Скокам по крстот од својата 15-та година и како сите имав желба да го фатам. Оваа година среќата ме посака мене. Секогаш е тешко да се влезе во студените води, ама желбата е поголема од тешкотиите. Посакувам здравје, среќа, љубов, свадби, дечиња, напредок на сите полиња, рече 29-годишниот Јакимоски.
Традиционално, најсреќниот и оваа година беше даруван. Владиката дебарско-кичевски Тимотеј го даруваше со златен ланец со крст, а градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков му подари икона и крст изработен во филигран.
Инаку, како и секоја година празникот Водици во Охрид се одбележува масовно, со присуство на илјадници верници, како и стотици и илјадници капачи кои влегуваат во осветените езерски води.
Верскиот дел од чествувањата по повод Богојавленскиот водосвет ќе биде заокружен точно на пладне на Сараиште, со масовно крштевање во осветените езерски води.
За бројните верници и гости кои се тука во Охрид, прославувањето на големиот празник продолжува со концерт на групата „Некст тајм“ на Градскиот плоштад.
Празнувањата на Водици во Охрид продолжуваат и утре со „Денот на рибарите“ на самиот празник посветен на Свети Јован Крстител. Традиционалното капење на рибарите и годинава ќе се одржи на месноста „Сараиште“ и истата ќе биде надополнета со повеќе културни и забавни содржини. Оваа година ќе биде послужена и храна карактеристична за трпезите на овој празник, греана ракија, вино, пивтија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.