Ќе земете калкулатор и ќе пресметате од што ќе се откажете. Тоа е најлошото за еден граѓанин, за еден работник во Македонија да работите, а да бидете сиромашен, изјави Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), во вчерашната дебата во „Топ тема“ на Телма ТВ.

Тоа е нешто што треба да ги удри во глава креаторите на политиките, треба да размислуваат и токму заради тоа ја прсметуваме минималната синдикална кошница. Не за да покажеме на работниците со колку можат да живеат, туку да покажеме на овие кои ја креираат политиката дека не се живее ниту со толку. Вредноста на минималната синдикална кошничка е 57.476 денари е доколку не плаќате стан, ако немате кредит и ако немате други издатоци во тековниот месец кои се апсолутно неопходни. Тие се потребни само за неопходните потребни на четиричлено семејно домаќинство. Зборувам за минимум без што не може да се преживее во тековниот месец, истакна Трендафилов.

Тој потенцира дека при прсметка на кошничката, точно се знае колку за храна, колку за облека, колку за транспорт, за комуникации, за образование и останати стоки и услуги, колку за станарина, за лекување, за лична хигиена.

Меѓутоа, тоа е да одите и да ги бркате цените. Ние во ССМ тоа го правиме. Секој месец, пред да ја извадиме синдикалната минимална кошничка, одиме по маркетите, ги гледаме најевтините цени во нив за можеме да ја склопиме. И под претпоставка дека работникот или граѓанини ќе го прави истото за да може да му останат повеќе средства, истакна првиот човек на ССМ.

Најлошото од се, нагласи Трендафилов, е дека се намалува од квалитетот на живот.

Бирате полоша храна, а поевтина, бирате да не го затоплите домот, да седите во студено, бирате да не посетувате културни манифестации. Значи да го изоставите културниот живот, како и спортските и други образовни процеси за децата. Оваа пресметка покажува дека платите се ниски, дека функционерите кога се фалат со промотивни спотови дека не ја гледаат реалноста, дека реалноста е сосема друга. Реалноста е дека сè повеќе имате сиромашни граѓани во Македонија, рече Трендафилов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.