Работна група на СДСМ предводена  од генералниот секретар Миле Зечевиќ Вардарски, треба да ги продолжи разговорите за уставните измени со опозициската ВМРО-ДПМНЕ и останатите парламентарни партии, како продолжение на средбата на премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.

ЦО на СДСМ синоќа оцени дека е добро што на средбата на Ковачевски со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е воспоставен дијалог во исклучително важен момент и го поздрави првиот чекор „што го направил Мицкоски со прифаќањето на уставните измени“. Од ВМРО-ДПМНЕ пак порачаа оти „еуфоријата во владејачката партија дека опозицијата прифатила уставни измени е лажна“ и истакнаа дека пред какви било идни чекори СДСМ треба да одговори на нивните два предлога од лидерската средба.

Централниот одбор му дава апсолутна поддршка на претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски и работната група да продолжат со напорите за обезбедување широк консензус за уставните измени, а со тоа и продолжување на европскиот пат на земјата, изјави по седницата на ЦО портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.

Пред состаноците на партиското раководството Ковачевски изјави дека е за поздравување променетиот став на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени, како и дека е најпозитивно што се отвора простор конечно граѓаните да ја остварат втората стратешка цел – членство на земјата во Европската унија.

 

Се надевам дека секој ќе остане на својот кажан збор на прес-конференцијата и соопштенијата што беа дадени и оти Cеверна Македонија ќе го продолжи евроинтеграцискиот пат преку усвојување на уставните амандмани, преку формирање на влада којашто ќе ги донесе, потоа ќе го доврши процесот на скрининг и ќе ги отвори поглавјата од првиот кластер. Таа влада може и да затвори едно до две поглавја од првиот кластер и потоа таа влада или техничка влада, меѓутоа сметам дека е подобро таа влада бидејќи таа ќе го има учеството на сите политички партии, да ги организира следните избори идната година и граѓаните да го кажат својот збор. Меѓутоа, според мене, она што е најпозитивно е што се отвора простор граѓаните конечно да ја остварат втората стратешка цел што ја имаме, а тоа е после членството во НАТО и зачленување во Европската унија, процес којшто сега е отворен и за кој има поддршка од сите земји членки на ЕУ, изјави Ковачевски.

Процесот, смета тој, треба да се води во рамки на Преговарачката рамка која, како што наведе, обезбеди заштита на македонскиот јазик, заштитен македонски идентитет, заштитена македонска култура, почеток на преговорите кои првпат почнаа на 19 јули минатата година.

Ние имаме обврска што треба да ја исполниме, а тоа е вклучување на други делови од народи во Преамбулата и потоа процесот продолжува со отворање на поглавјата. Јас сум рационален оптимист, верувам во остварување на целта и работам таа цел да се оствари, изјави Ковачевски.

Тој не се согласува со констатацијата дека барањата што ги изнел Мицкоски на лидерската се одбиени.

Сите предлози кои ги имаше ВМРО-ДПМНЕ се прифатени, па дури и предлогот што го имаа во однос на ДУИ е прифатен од страна на ДУИ со нивно соопштение. Така што, сите барања се исполнети, посочи Ковачевски во телевизско интервју.

По исходот од ЦО на СДСМ од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение порачаа дека клучното прашање на кое Ковачевски треба да одговори и без кое нема продолжување на разговорите е кој од двата предлози на ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив за СДСМ

Откако Ковачевски кажа дека на лидерската средба нема договор, сега направи партиски состанок за кој разговара за предлозите на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа што Македонија има пишман премиер и тоа што главната комуникација оди преку јавни препукувања говори за тоа во каква атмосфера се носат важни одлуки. Да биде јасно: Уставни измени какви што понуди СДСМ под бугарски диктат не се прифатливи за ВМРО-ДПМНЕ, соопшти најголемата опозициска партија.

Она што било понудено од Мицкоски, подвлекуваат од ВМРО-ДПМНЕ, е промена на околностите, заштита на националните интереси и европска интеграција.

И во таа насока беа понудени два предлога. Првиот преодна влада без ДУИ, измени кои ќе стапат во сила со завршување на преговорите и членството на државата во ЕУ, вториот – избори, гаранции за националниот идентитет и јазик, економски пакет и заштита на Македонците во Бугарија преку спроведување на пресудите на Судот за човекови права во Стразбур и измени од влада без ДУИ поддржана од опозицијата. Клучното прашање на кое Ковачевски треба да одговори и без кое нема продолжување на разговорите е кој од двата предлози на ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив за СДСМ? Потребен е јасен и недвосмислен одговор пред каков било друг чекор, наведоа од ВМРО-ДПМНЕ

Претходно Мицкоски од партиска трибина во Охрид забалежа дека еуфоријата во владејачката партија дека ВМРО-ДПМНЕ прифатила уставни измени е лажна, истакнувајќи дека ако тоа било вистина веднаш по лидерската средба ќе било ставено на Собраниска седница.

Според него, само со преодна Влада може да се обезбеди национално единство и доверба кај граѓаните, а Демократската унија за интеграција, како што рече, после 20 години да ја пратиме во опозиција и криминалците да одговараат.

Појаснувајќи ги причините зошто на лидерската средба со Ковачевски предложил преодна влада без ДУИ, Мицкоски рече дека тоа нема да значи амнестија за криминалот, туку детронизирање на ДУИ и државата ќе нема премиер кој не е избран од народот.

Vetëm me qeveri kalimtare mund të sigurojmë bashkim kombëtar dhe besim te qytetarët, si dhe ta dërgojmë Bashkimin Demokratik për Integrim në opozitë pas 20 vjetësh dhe kriminelët të përgjigje

Мицкоски рече дека е можна интеграција во Европската унија и зачувување на националното достоинство, јазик и посебност и дециден е дека без европска интеграција и заштитен идентитет „нема да има уставни измени“.

И затоа на маса ставив две понуди. Првата е формирање на преодна влада на сите партии, без ДУИ во неа. Влада под наши услови без криминализираниот дел од сегашната гарнитура кога ќе треба да донесе измени на Уставот со одложено дејство кои ќе стапат на сила со членството на Македонија во ЕУ. Така добиваме гаранција дека Македонија ќе биде на брза патека за Европската унија и кочничарите на нашата интеграција Бугарија да станат активна заинтересирана стана за побрза европеизација на државата. Втората понуда е избори сега, обезбедување на гаранции од европски институции за заштита на националните и државни интереси, како и економски пакет за подобар живот во државата по повеќе основи, па потоа носење на измени на Уставот со обврска опозицијата да го поддржува процесот како би се гарантирало националното единство кога е во прашање гарантирање заштитата на државните и национални интереси, истакна Мицкоски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.