Влада без ДУИ гаранција и за заштита од крадење на избори и контрола на процесот Со години албанските партии се жалат дека ДУИ ги краде изборите користејќи ја власта за разни злоупотреби во изборниот процес како и за уцени и притисоци врз гласачите, две децении не успеаја да ја симнат од власт поради неодлучноста, несплотеноста, несериозноста и желбата да ја искусат власта барем на кратко и според правилата на истиот оној Ахмети кого деноноќно го критикуваат.
Ваквите околности, кои секако дека се должат и на безкарактерната СДСМ која по секоја цена се обидува да остане на власт, без власт, ѝ овозможија на ДУИ комфорност и терен да игра како сака на политичката сцена во Македонија и да игра „пинг-понг“ и со СДСМ и со албанските опозициски парти кои ги прима и ги „шутира“ по потреба од Владата.
Нормално , природно, но и повеќе од потребно е ДУИ која веќе пуштила длабоки корени во институциите, а со тоа обезбедува и можност за влијание на изборите, да излезе од влада и за првпат да се обезбеди фер терен за избори за албанските партии, но и за формирање нова влада во која нема да може да ги злоупотребува партиите како што тоа го правеше во изминативе години со СДСМ, која наводно доби мандат за реформи во правниот систем, но постепено, под притисок на бројките се претвори во слуга на интересите на ДУИ и партија со катастрофално низок рејтинг, без никаков капацитет или кредибилитет за спроведување реформи во државата.
Начинот на функционирање на ДУИ станува уште по загрижувачки кога и голем дел високи функционери од истата партија отворено излегуваат и ги обвинуваат своите сопартијци во извршната власт за криминал, а ова е најголем аларм и доказ дека на Демократската унија за интеграција повеќе од потребно е да излезе од власта која ги заслепила актуелните нејзини функционери, да се демократизира, реструктурира и реформира, нешто што би било здраво и за политичката сцена, но и за самта партија.
Со цел да се промени ваквата ситуација и начин на функционирање на државата кој им е преку глава и на Албанците и на Македонците, а очигледно дека ако албанската опозиција биде оставена сама да ја разобличи и да ја испрати ДУИ во опозиција, тешко дека ќе успее во тоа, ВМРО-ДПМНЕ веќе некое време интензивно се впушти во разобличување на функционерите на ДУИ, а вчера Христијан Мицкоски излезе и со конкретен предлог за формирање на широка влада без ДУИ.
„Предложив заедничка влада, без ДУИ, го почнуваме процесот, уставните измени да бидат изгласани, а да важат дури тогаш кога ќе почне ратификацијата на нашето членство во ЕУ, во парламентите на земјите членки. Очигледно е дека сега немаат 80 пратеници за да поминат измените, тогаш логично е да одиме на избори, оти нема ниту една причина зошто оваа Влада да остане на власт“, изјави Мицкоски по лидерската средба со Ковачевски.
Но, она што е најчудно и симптоматично во целата ситуација е тоа што и покрај тоа што ДУИ делумно изрази подготвеност да го прифати ваквиот предлог, Ковачевски категорично го отфрли под претекст дека тоа би донело до дестабилизација на државата, а тука се поставува прашањето дали Ковачевски се плаши за стабилноста во државата или се плаши за личните интереси по растурањето на разиграната шема со ДУИ.
Но, како и да е, предлогот на Христијан Мицкоски по се чини дека доаѓа во вистински момент, затоа што имајќи ги во предвид сите негативни работи поврзани со начинот на функционирање на ДУИ, а со самото тоа и на целата држава, влада без ДУИ би била гаранција и за заштита на изборниот процес, а после тоа и правилно поставување на работите во Владата која би се формирала после тие избори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.