Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД) организираше јавен настан на кој беа презентирани клучните наоди од Анализата за пристапот до високо образование на лицата со попреченост која ја изготвија Здружението за асистивна технологија ,,Отворете ги прозорците” во соработка со Народниот правобранител, а со поддршка на ВФД во рамки на проектот „Практикувај демократија” поддржан од Британската амбасада во Македонија.

Анализата ја утврдува физичката пристапност на државните факултети, достапната литература, асистивна технологија и друг вид на поддршка за студентите со попреченост. Анализата е спроведена преку прашалник пополнет од 40 факултети, теренски увид во физичката пристапност на 17 факултети на 4 универзитетски кампуси, како и фокус групи и интервјуа. Автор на анализата е Кристијан Лазарев од Здружението за асистивна технологија ,,Отворете ги прозорците”.

Дури на 55% од факултетите нема студенти со попреченост или факултетите не водат статистика за бројот на студенти со попреченост. Ниту еден факултет не ги објавува своите соопштенија и документи во брајов формат, пристапен аудио формат или стандардно писмо во зголемен формат. Голем дел од предавалните и библиотеките се со ограничена физичка пристапност, а дури на 55 % од факултетите нема лифт, иако факултетите се на повеќе катови. За 40 % од студентите со попреченост јавниот превоз е целосно непристапен. Само на 10 % од факултетите студентите со попреченост формално може да добијат литература во пристапен (аудио или дигитален) формат.

На настанот се обрати заменичката на Народниот правобранител – г-а Васка Бајрамовска -Мустафа.

Оваа анализа е прв чекор кон независност на лицата со попреченост и овозможување на нивното право на високо образование, а особено имајќи предвид дека се соочуваме со недостиг на податоци во оваа област и видливоста на студентите со попреченост.

Според нашите информации, најголем број на млади со попреченост по завршување на средното образование не се одлучуваат да го продолжат образованието поради немање на соодветен пристап. Бројот на 50тина студентите во сите три циклуси на студии алармира за овој проблем. Како општество мораме по посветено да работиме за овозможување на живот и високо образование за лицата со попреченост, рече таа.

Според пратеничката Жаклина Лазаревска од Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со хендикеп, членовите на Интер партиската парламентарна група се стремат кон целосно имплементирање на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.

Националната стратегија за образование како и националната стратегија за правата на лицата со попреченост содржат бројни активности кои се генерално во надлежност на Министерството за образование и наука со цел континуитет на унапредување на правата на младите и создавање на инклузивна средина.

Наша обврска е да обезбедиме лицата со попреченост да имаат и пристап до високото на образование без дискриминација и на еднаква основа со другите, без разлика на автономијата на универзитетите. Анализите од ваков вид треба да бидат презентирани и пред пратениците со задолжително присуство на претставниците на универзитетите, вели Лазаревска.

Претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, г-дин Исмаил Камбери потенцираше дека секој човек има свои уникатни перспективи и потенцијали, наша обврска е да овозможиме секој поединец да унапредува во општеството без дискриминација.

Комисијата до сега има утврдено дискриминација во 11 случаи од кои 2 се во областа на образованието.

Свесност, пристапност и развивање на политики за еднаквост се клучни за нашето општество. Политиките за обезбедување еднаквост и инклузивност во областите на вработување, образование и социјална интеграција се клучни за користење на потенцијалот на лицата со попреченост во нашето општество во целина.

Мерката за унапредување на државата не лежи само во нејзиниот економски раст, туку како ги третираме маргинализираните лица во општеството.

Директорката на ВФД во Македонија, Дона Костуранова истакна дека за да имаме еднаквост на лицата со попреченост во општеството, еден од предусловите е еднаков пристап до образование, вклучувајќи го и високото образование.

Во моментов, високото образование е недостапно за многу лица со попреченост, што ги ограничува и нивните можности за образовен и професионален развој и директно влијае на квалитетот на живот и можностите.

 

За поеднаков пристап до високото образование, анализата препорачува дека пристапноста треба да биде критериум во набавките, реконструкцијата и стратешкото планирање на факултетите и студентските домови, да  се обезбеди асистивна технологија и помагала, и да се обезбеди стручна и научна литература во пристапни формати, како и пристапен транспорт за студентите со попреченост. Меѓу другото треба задолжително да се почне со водење дигитална евиденција за статистички податоци за студентите со попреченост, за подобро планирање на нивните потреби и инклузивноста на факултетот како и формално назначување на административни асистенти за поддршка на студентите со попреченост.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.