Го запознавме како потпретседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, потоа како државен секретар во МНР, министер за транспорт и врски, а денес е потпретседател на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.
Владо Мисајловски или попознат како Кендо гостуваше во утринската емисија на ТВ Сител „Магазин“.
Тој отворено говореше за своето семејство, за тоа како го добил прекарот Кендо, кој спорт му е омилен, но и како од мали нозе помагал на својот татко во пекарата која долги години ја имаат.
Мисајловски вели дека заедно со сопругата прва обрска им се децата, а како што кажа, изминатите две години со корона ситуацијата, тие обврски се поделни, па така доколку едно од децата е физички присутно во училиште, а другото дома, двајцата ги делат тие обврски.
-Семејството е најважно, доколку дома не си успешен нема да бидеш никаде успешен, рече Мисајловски.
Тој рече дека додека бил министер имал премногу обврски и дека да не била неговата сопруга би бил половично успешен, бидејќи како што рече, децата си бараат посебно внимание.
-Уживам со моите деца, секој слободен момент кој што го имам гледам да го поминам со нив, се подмладувам…
Мисајловски беше запрашан од водителот какво било неговото детство, беше прочитана и една негова изјава од интервју дадено во 2017 година во која се вели „Кој не игра фудбал на Кокта, баскет на Кочо и не пливал на Састав, тој не знае што е Ѓорче“.
-Мора да се помине тоа во Ѓорче, дали играш во Кочо или пливаш на Састав тоа е дел од период во животот каде што сите сме иделе секаде, но и сме имале безгрижно детство… ова е се вистина, горе-долу сите го правеа ова во Ѓорче. И многу други работи сме правеле, идевме во паркот во Ѓорче да седиме на клупи, сме седеле до касно навечер, онака дома да не се прибереш, па од родителите бараш уште малце да останеш…едно убаво детство, раскажуваше Мисајловски.
Она што многумина можеби ги интересира, а никогаш не дознале е тоа од каде Владо Мисајловски го добил прекарот Кендо.
-Многу луѓе ме прашале… не е нешто вака спектакуларно, но тоа е добиено по мојот татко. Мојот татко како дете го завикале Кендо, помеѓу другарите си давале прекари, некој го завикал Кендо, а денес како поминуваат годините, мене и мојот брат не завикаа Кендо, а сега гледам дека и мојот син и внук кога стават никови додека играат некоја игра го користат надимакот Кендо, рече Мисајловски.
Мисајловски го опишуваат како вредно момче кое не се штеди и покрај ангажманите во политиката, не се штеди и не се срами да му помогне на неговиот татко во семејната фурна.
-Многу е интересно, низ времето како била мојата фамилија, мајка ми и татко ми, кои јас многу ги почитувам и како идоли си ги сметам бидејќи не истерале на прав пат, секогаш гледале во слободното време да ни стане обврска да помагаме и тоа кога немало потреба. Кога бев и на факултет и во средно па дури и помал, татко ми не терал мене и брат ми да одиме на смена во еден од дуќаните, таму имаше и луѓе кои работат, но тој не терал да бидеме таму, тоа низ годините ќе го сфатиме дека тој ни создавал обврска, нешто да почуствуваме како е да се води бизнис и многу често денес знае да не викне да работиме нешто, а порано со брат ми држевме смена… раскажуваше Кендо.
-Татко ми ме натера да има нешто во мене што мора да мислам на тоа. Еве за Нова година помагав. Имам чуство дека никогаш нема да одбијам. Не дека мора, едноставно тоа е тоа, рече Мисајловски.
-Кога бев министер, еден ден ми вика, мора вечер да помогнеш… му реков дека морам да дојдам подоцна бидејќи имам многу обврски, на што тој ми одговори, ако ќе те чекаме… Завршив со работата, дојдов во пекарата да видам што е работата, а татко ми ме чекаше со вработените и се смееше… вика не треба ништо само сакав да видам дали ќе дојдеш и дали си летнал, а јас му реков како да заборавам кога тоа што вие не научивте денес ние тоа го применуваме, раскажа Кендо.
Тој рече дека не се срами и плаши од работа.
Мисајловски раскажа дека како дете многу спортувал и дека сонот му било да стане спортист, а не политичар. Спортувал многу кошарка, бил репрезентативец, но откри и дека тренирал гимнастика…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.