Рускиот амбасадор во државава Сергеј Баздникин денеска бил повикан во Министерството за надворешни работи, потврдија од МНР за МИА.
Како што велат од МНР, на амбасадорот Баздникин му била врачена вербална нота, поради објавата на руската Амбасада за евидентирање случаи на русофобија.
Претходно, Владата на Руската Федерација објави и список на странски држави и територии кои вршат непријателски дејствија против Русија, нејзините компании и граѓани, јавија руските медиуми.
На списокот се наоѓаат Австралија, Велика Британија, земјите-членки на ЕУ, Исланд, Канада, Лихтенштајн, Монако, Нов Зеланд, Норвешка, Јужна Кореја, Сан Марино, Андора, Сингапур, САД, Тајван, Украина, Македонија, Албанија, Црна Гора, Швајцарија, Јапонија и Микронезија.
Земјите и териториите споменати во списокот воведоа или им се придружија на санкциите против Русија по почетокот на руската инвазија врз Украина.
На брифингот со новинарите денеска, прашан за последиците од фактот што Москва ја стави државава на листата на непријателски земји, шефот на дипломатијата Бујар Османи рече дека нашата позиција кон Руската Федерација во котекст на оваа агресија е јасно искажана и манифестирана и дека ќе се придружиме кон сите одлуки на ЕУ за осуда, но и за дефинирање на односот што ќе го имаме со Руската Федерација и оти сето тоа ќе се прави во координација со ЕУ а не врз основа на билатерална одлука.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.