Родителите на деца со посебни потреби од целата земја најавија дека на 5 април, вторник, ќе излезат на протест пред Влада, со барања за подобрување на условите за живот на овие деца и семејства.

Тие од властите бараат зголемување на додатокот за деца со посебни потреби, зголемување на мобилноста, зголемување на туѓата нега на ниво на минималната плата во земјава и добивање на пензија за еден од родителите.

Со овие барања излегуваат бидејќи, како што велат, средствата кои сега ги добиваат се „мизерни“ и недоволни за со нив да се негува дете со посебни потреби. Финансиската состојба им е дополнително отежната поради фактот дека едниот од родителите не може да работи, бидејќи мора постојано да биде со детето и да се грижи за него „24 часа на ден“.

Претставници на групата родители велат дека „повеќето од родителите се во катастрофални услови“ и дека „животот за некои е како во хорор филм“. Напоменуваат дека само за лековите им се потребни 500 евра во месецот, финансии кои голем дел од нив ги немаат. Токму поради тоа, вели еден родителски пар за нашата Редакција, бараат еден од родителите да добие некаков вид на пензија, нагласувајќи дека најавениот протест нема никаква политичка позадина и дека родителите сами се организирале за да си помогнат едни на други.

По протестот пред Влада, родителите планираат и да изведат марш од Илинденска до републичкото Собрание.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.