Како и во другите два претходни случаи на прислушување и во овој, за жал нема да имаме кривично правна разрешница и повторно нема да има одговорност за незаконското прислушување во државата. Имаме комплетна застареност, што е директна последица на измените на Кривичниот законик, вели јавната обвинителка Ленче Ристовска, за случајот „Таргет-Тврдина“.
Откако Судот на денешното рочиште донесе решение за запирање на кривичната постапка за случајот за „Таргет-Тврдина” во делот на незаконското прислушување поради настапено застарување на делата, обвинителката Ристовска, во изјава за медиумите појасни дека во моментов се уште не е застарен делот од предметот којшто се однесува на уништување на опремата за прислушување.
– Обвинети за овој дел од оние кои се во судница се Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, а во бегство се Никола Бишковски и Горан Груевски и имаме за фалсификување на исправа уште една обвинета, тоа е Валентина Симоновска. Овде се уште не е застапена застареноста, но секако измените од КЗ ќе имаат импликации, бидејќи рокот е скратен и консеквентно и за тоа прети можност од застарување и на овој дел, појасни Ристовска.
На следното рочиште за предметот, појасни Ристовска, нема да се појават Сашо Мијалков, Надица Николиќ, Маријан Шумоликовски, Илија Исаковски, Силвана Златкова и Владимир Марелов.
Прашана за тоа кој ќе ги плаќа штетите за прислушувањето со ваква правна завршница на предметот, Ристовска вели дека трошоците за кривичната постапка паѓаат на товар на Буџетот.
– Трошоците за кривичната постапка, што би рекла, трошоците што ги имале обвинетите за нивните адвокати, трошоците што настанале по повод вештачењето итн., сето тоа паѓа на товар на Буџетот и она што е најважно и лицата кои биле оштетени од незаконското прислушување и трошоците за нивно обесштетување повторно паѓаат на товар на државата, посочи Ристовска.
Финансиските импликации што ќе ги предизвика овој предмет врз Буџетот на државата, според обвинителката, не се воопшто занемарливи.
– Ги вклучуваат и оние трошоци во постапка, ги вклучуваат и како што и веќе еднаш кажав, сите надоместоци што треба да им бидат обезбедени на лицата кои биле незаконски прислушувани за повреда на правата. Впрочем, нивните права биле повредени со незаконското прислушување и сега државата по принципот на објективна одговорност е таа која што треба да ги обесштети овие лица, односно товарот да падне на буџетот на државата и нема да има како државата потоа да биде обесштетена од лицата коишто навистина се одговорни директно за прекршување на правата на граѓаните, изјави Ристовска.
Импликациите што ќе ги предизвикаат овие измени на КЗ, според Ристовска, допрва како општество ќе ги почувствуваме.
Судот на денешното рочиште донесе решение за запирање на кривичната постапка за случајот за „Таргет-Тврдина” за обвинетите Горан Груевски, Сашо Мијалков, Надица Николиќ, Владимир Варелов, Маријан Шумуликоски и Васил Исаковски за делата „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“ поради настапено застарување на делата , со измените на Кривичниот законик од 7 септември 2023 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.