Во текот на шеста недела од 2024 година, од 05 до 11 февруари), во Македонија се пријавени 1.875 случаи на групни пријави за заболени од грип-заболувања слични на грип. Тоа претставува 13,4 отсто повеќе во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела, споредено со шеста недела од минатата сезона, е зголемен за 2,7 пати, покажуваат податоците од најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Во текот на шеста извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ – РСМ, пристигнаа 56 материјали од рутинскиот надзор за лабораториско тестирање, паралелно тестирани за грип и КОВИД-19 (SARS-CoV-2). Притоа, детектирани се 12 позитивни случаи на Influenza: 11 Influenza А(H1)pdm09 и 1 Influenza А – несубтипизиран. Регистриран е еден пациент со SARS-CoV-2, пишува во извештајот.

Во однос на возрасната дистрибуција, 1.139 лица се на возраст од 15-64 години, 424 се деца на возраст од 5-14 години, 147 – деца на возраст до четири години и 165 лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години. Заболените се пријавени од 29 ЦЈЗ/ПЕ, во Кавадарци – 332, Скопје – 209, Битола – 180, Струмица – 179, а во останатите, бројот на пријавени е помал или еднаков на 150, покажуваат податоците на ИЈЗ.

Во пет извештајни единици кои пријавиле случаи во текот на оваа недела, се регистрира многу ниска, во 11 сезонска, во 10 средна, во Ресен – висока и во две – Кавадарци и Кратово – многу висока активност на вирусот на грип.

– Во текот на оваа недела, регистриран е еден смртен случај асоциран со грип. Се работи за лице на возраст од 65 години од Скопје кое било хоспитализирано во УК за пулмологија и алергологија и КИБФС. Кај починатото лице е утврдено присуство на коморбидитети -кардиоваскуларни, белодробни и не било вакцинирано со вакцина против сезонски грип. Кај починатото лице, лабораториски е потврдена Influenza А – несубтипизиран, се појаснува во извештајот.

Во сезоната 2023/2024 вкупниот број на случаи на грип/заболувања слични на грип изнесува 10.537 , во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 61,7 отсто, а во однос на моделот од последните 13 сезони, има зголемување од 0,4 проценти.

Во досегашниот тек на сезоната на грип, регистрирани се девет починати лица асоцирани со грип, четири од Скопје и по едно лице од Куманово, Неготино, Гостивар, Демир Хисар и Штип, пет од возрасната група на лица 15-64 години и четири од возрасната група на лица над 65 години, сите хоспитализирани, со коморбидитети и невакцинирани против сезонски грип. Кај осум лица е докажан Influenza А(H1)pdm09, а кај едно – Influenza А – несубтипизиран.

Од сентинел местата кои учествуваат, во шеста недела пријавени се вкупно 55 САРИ (сериозни акутни респираторни инфекции) случаи. Најголем број на САРИ случаи се пријавени од УК за детски болести.

Во однос на возрасната дистрибуција, најголем број на САРИ случаи (n=18; 43,6%) се пријавени од возрасната група до четири години. Во оваа недела, вкупен број на приеми во сентинел местата е 214, од кои едно лице е на интензивна нега. Од сите приеми, 25,7 отсто се должат на САРИ. Најголемо оптоварување од 60,0 проценти се бележи кај лицата постари од 65 години. Во оваа недела, регистриран е еден смртен случај со коморбидитети од САРИ местото ГОБ „8 Септември“. Починатото лице е на возраст над 65 години, од Скопје. Во шеста недела, за лабораториско тестирање се доставени 35 материјали од пријавените САРИ случаи, паралелно тестирани за грип, КОВИД-19. Од вкупно тестираните материјали, во пет примероци докажано e присуство на Influenza A(H1)pdm09, и во еден Influenza несубтипизиран. Во еден примерок докажан е SARS-CoV-2. Од доставените материјали, тестирани се 28 на респираторен синцицијален вирус, а во четири од нив е потврден (RSV), се наведува во извештајот.

Се забележува раст на бројот на заболувања слични на грип, се истакнува во извештајот, кој е во рамките на ниска активност.

Резултатите добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенца покажуваат дека има регионална распространетост на вирусот на грип, а процентот на позитивност е над границата од 10 проценти. Според податоците од САРИ надзорот, бројот на хоспитализации е на повисоко ниво споредено со претходниот период. Согласно податоците од рутинскиот и САРИ надзорот, Република Македонија има регионална географска распространетост и висок интензитет на активноста на вирусот на грип, нагласуваат од ИЈЗ.

Заклучно со шеста недела, во земјава вакцинирани се вкупно 61.694 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против грип.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.