Овој референдум најверојатно ќе биде неуспешен, но ќе има политички импликации, особено за самиот иницијатор. За власта, пак, тој ќе биде тест да ја издвои својата администативна од својата политичка улога – смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски, со кого „Плусинфо“ разговараше за последната иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ за распишување референдум поврзан со Договорот за добрососедство со Бугарија.

Најверојатен исход на оваа иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ е неуспешен референдум, затоа што прагот за успешен референдум е многу висок – 910.000 гласачи треба да излезат на гласање, а повеќе од половината да гласаат „за“. Тоа во оваа ситуација е многу малку возможно, особено ако една од двете најголеми партии е против. За тие што се против, нема логика да излегуваат на референдум, бидејќи посигурна опција им е да го бутнат со неизлезност. Така беше и со референдумот за Преспанскиот договор, смета Арсовски.

Тој смета дека идејата за ваков референдум е добар полтиички потег на опозицијата, затоа што во секој случај и носи корист, а нема никаков ризик.

Така како што е конципиран референдумот во Македонија, како задолжителен односно императивен, за него постојат само два исхода. Едниот е да биде успешен, а вториот е да биде ништовен. Значи, ако референдумот не е успешен, не ја обврзува опозицијата на обратната теза, односно не ја обврзува да го прифати Договорот. Затоа, ова е добар политички потег на Мицкоски – ако референдумот успее, е успешен, ако не успее, не е неуспешен. Бидејќи, ако успее, власта мора да го поништи договорот, а ако не успее, ВМРО-ДПМНЕ не мора да го прифати, илустрира Арсовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.