Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски го разреши Бесиjан Ахмети од позицијата прв секретар во македонската амбасад во Брисел. Бесиjан Ахмети, внук на лидерот на ДУИ, Али Ахмети и осомничен за случајот со злоупотреба на концесија за минерални суровини, од 1 септември годинава треба да ја напушти позицијата во Брисел, две години пред истекот на договорот, објави МКД.мк.
Внукот на Ахмети е вработен во Министерството за економија и труд со решение на МНР од 26 април 2023 година кога е упатен на работа во амбасадата на Македонија во Брисел со надлежност на земјите на Бенелукс (Белгија, Холандија и Луксембург) на работно место прв секретар за период од 3 години, сметано од 1 мај 2023 година.
Но, министерот Муцунски донесе решение со кое на Бесиjан Ахмети мандатот му завршува на 31 август 2024 година.
Решението е донесено вчера, а против него жалба до Агенцијата за администрација може да се поднесе во рок од 8 дена.
Бесиjан Ахмети е внук на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и брат на Дрин Ахмети, а двајцата се осомничени од МВР за злоупотреба на концесија за минерални суровини бидејќи полицијата откри дека не ја плаќале концесијата.
Штетата од злоупотребата е над 1,6 милиони денари, односно околу 27 илјади евра.
Покрај внуците на Али Ахмети, осомничени се уште 7 државни службеници од Министерството за економија и од Државниот инспекторат за техничка инспекција затоа што не вршеле надзор и овозможиле да не се исплатат парите на државата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.