Одеднаш нема никакво зборување за проблемите на здравството, особено инфраструктурните проблеми на здравството, особено за клиничкиот центар. Доколку пред четири, пет години бевме во континуитет бомбардирани дека ќе се направи ултра модерен, софистициран проект кој што повеќе личеше на мегаломански, иако на хартија го немаше како проект, туку имаше само некакви „Power point“ презентации. Одеднаш сега, денеска сме сведоци на една тишина и нешто што ја нарушува транспарентноста со која што толку се фалеа, заради тоа што кога доаѓаа на власт имаа полни усти транспарентност, а денска сме сведоци на една состојба во која што постои арбитражен процес, арбитражна постапка за клинички центар за која што никој ништо кажува.
Односно, нетранспарентно се дознаваат информации кои што успева јавноста да ги дознае преку медиумите, рече членот на Извршниот комитет, доктор Игор Николов на денешната трибина насловена „Здравство“ во рамки на акцијата „Пораки од реалниот живот – Ова е Македонија за сите“ која се одржа во просториите на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој истакна дека информации кои ги имаат велат дека е испратено писмо од министерството за здравство до владата, ама владата сеуште не го добила писмото, па владата кога го добила писмото заседавала па не се кажува што одлучила.
Посочи дека според информациите кои ги имаат до сега, во однос на Клиничкиот центар Мајката Тереза, новината е дека арбитражниот процес е сериозно напреднат и, најверојатно, се побаруваат околу 18 милиони евра за негова неизградба и за раскинувањето на договорот за градба, дополнително добија информација дека владата веќе избрала странска адвокатска канцеларија за да ја застапува државата.
„По нашите информации кои што ги имаме до сега, новината е дека арбитражниот процес е сериозно напреднат, се побаруваат најверојатно околу 18 милиони евра за неизградба, односно за раскинување на договор за градење на Клинички центар Мајка Тереза во кампусот клиники и сега е почната некаква арбитражна постапка за која што, исто така на нетранспарентен начин дознавме и добивме информација, дека е избрана е странска адвокатска канцеларија, која што ќе ја застапува Македонија во овој процес“, рече доктор Николов.
Тој посочи дека изминатите седум години е направена стратешка грешка во здравството со неизградбата на постоечкиот план и потпишан договор за градба за клиничкиот центар во кампусот клиники Мајка Тереза во Скопје, на сметка на тоа се отиде на медиумската кампања за изградба на клинички центар на нова локација за која немаше ниту проект, ниту истражување на локацијата, што доведе Македонија сеуште да нема современ центар за терциерно здравство за третман на пациентите.
„Можеме едно да кажеме дека се случи една голема стратешка грешка, последниве седум години, а тоа е стратешката грешка да не се продолжи градбата на Клиничкиот центар Мајка Тереза, туку се навлезе во еден некаков притисок на градење на клинички центар во локација која што не беше испитана геомеханички, ниту дали има археолошки наоѓалишта, ниту имаше проект и на големи труби и фамфари се велеше дека оваа локација е перфектна и дека тоа ќе биде добро за целиот здравствен систем и на крај завршивме да немаме никаков проект од тоа“, истакна Николов.
Николов, меѓу другото, посочи дека откако се потпиша договорот за коридорите се добива впечаток дека повеќе има грижа за нешто друго, отколку грижа за нешто друго, а тоа друго, најверојатно станува збор за грижа за провизии повеќе, отколку за здравјето на македонските граѓани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.