Системот за биометириска идентификација коишто ние го имаме направено во Владата е истиот оној за чија што реализација Велика Британија има потрошено 14 милиони фунти, вели поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски за случајот „Софтвери“, што се води против него и шест други лица.
Според Рашковски, јавноста треба да знае кои се бенефитите од ваквите системи кои што се набавени, а за кои, како што вели, државата не потрошила многу средства.
Тоа не е ниту некоја сума која што државата ја оптоварила. Она коешто се очекуваше од сето ова беше еден убав проект на којшто сите ќе се радувавме и на мапата на земји коишто имаат вакви системи ќе бевме, гарантирам, на врвот на Европа и во светот, рече Рашковски во изјава за медиумите денеска пред Основниот кривичен суд во Скопје.
Според Рашковски, доколку се изреализирал до крај системот за контрола на сообраќајот ќе се спаселе 20 односно 50 отсто од жртвите и две третини од повредените.
Не сакам да звучи морбидно, меѓутоа многу од сообраќајките за коишто се изнаслушавме деновиве, да дозволеше Обвинителството целиот процес да го истераме и да не тераше ништо на сила, се со цел да задоволи нечие его, до сега тој систем ќе беше во многу понапредна фаза на реализација, изјави Рашковски.
Според него, тоа што се ставаат на товар кривични дела на лица коишто совесно ги извршувале своите задачи, е само доказ за непостоење на аргументација.
Синдромот на нинџа, вие да барате од некој од обвинетите да призне нешто што не е, се со цел да ги заглавите другите, проба обвинителката и тука да го направи. Во завршните зборови секој од обвинетите ќе си го каже своето и како бил третиран за време на истрагата, пред истрагата и за време на сослушувањата, рече Рашковски.
Тој истакна дека обвинителката Ивана Трајчевска требала да дојде денес, за, како што рече, самата да се соочи со него и постави прашања.
Независно, може е оправдано отсутна, меѓутоа да го имате вие на тацна да го испрашувате, прво осомничениот, а да не дојдете, по мене е малку е нелогично, рече Рашковски.
Според него, не постои поубав начин како да го побиете, односно да докажете дека некој е виновен, освен преку прашање.
Ќе видиме заменската обвинителка какви прашања ќе постави. Меѓутоа тоа сепак е случај на обвинителката Ивана Трајчева, која што треба да си ги постави сама прашањата, изјави Рашковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.