Уставниот суд на денешната 38. седница ќе одлучува по Рефератот кој е подготвен по претходно поднесената иницијатива од страна на Стопанската комора на Македонија, со која е оспорен Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, којшто во својата содржина опфаќа „работа во недела”.
Според подносителот на иницијативата, со оспорениот закон e определено дека ден на неделен одмор е недела и притоа се дефинирани дејностите кои претставуваат исклучок од ова правило. Во иницијативата се наведува дека ден на неделен одмор може да биде било кој друг ден во неделата, дека е утврден и додаток на плата за работа во недела во износ од најмалку 50 отсто за секој час поминат на работа и од тие причини е дозволена нееднаквост на граѓаните пред законите. Во иницијативата се содржани наводи дека со ова законско решение работодавачите од економските дејности на кои им се забранува работа во недела (неметалните минерални производи) и имаат еднаква правна положба од аспект да ги намируваат данокот и другите јавни давачки кон државата кои се утврдени со закон се ставени во нееднаква правна положба со работодавачите од економските дејности на кои им е дозволено да работат во недела, од аспект да остваруваат приходи и добивка. Подносителот смета дека е нарушено начелото на владеење на правото и дека оспорениот закон е во спротивност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 7 и член 9 став 2 од Уставот.
Уставниот суд расправаше за овој случај на седница што се одржа на 14 септември годинава, но одлука не беше донесена поради недоволно мнозинство гласови.
На седницата, меѓу другото ќе бидат разгледани иницијативите поднесени за Законот за социјална заштита во одредбата за обезбедување на надоместок заради попреченост, за изборот за претседател на Собранието од 2 мај 2017 година, како и иницијативата поднесена од Светски македонски конгрес, а се однесува на оспорениот акт: „Прв заменик на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за координација на политичките прашања на ресорите“ во насловот на Глава II, членовите 5 и 6 од Деловникот за работа на Владата на Република Македонија.
На дневен ред на денешната седница се осум предмети за оценување на уставност и законитост. Шест предмети, како што велат од Судот, се со исцрпена дискусија и се во фаза на гласање, бидејќи претходно не добиле мнозинство гласови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.