Собраниската Комисија за економски прашања не ги прифати четирите амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО-НП за измените на Законот за минерални суровини, во скратена постапка. Ова е прв од осумте закони поврзани со Договорот за изградба на коридорите 8 и 10д со „Бехтел и Енка“.
И ВМРО-ДПМНЕ и Љупчо Балковски од ВМРО-НП имаа поднесено по два амандмани и тоа за издавањето на дозвола за експлоатација на минерални суровини и за скратување на рокот за експлоатација.
Со измените е предвидено ископувањето да продолжи шест месеци по завршување на работите, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ бараше тој рок да се намали на три месеци.
И на денешното продолжение на седницата опозициските пратеници и пратениците од ДУИ дебатираа за законските измени и за Договорот. ВМРО-ДПМНЕ повтрно го бараа Договорот и прашуваа како пратениците од ДУИ потпишале законски решенија а не знаат што има во договорот.
– На невидено предлагате закон. На нешто што некој ви рекол дека постои во договор. Не е првпат пратеници да се истрчаат. Каква неодговорност кон граѓаните. Да жртвувате природно богатство, да жртвувате човекови права и да жртвувате право и правда бидејќи никој не знаеме што ќе се случува во меѓувреме и да тврдите дека со тоа ќе влезете во историјата и дека ние ќе бидеме запаметени дека не сме ја разбрале историската улога на оние кои што гледаат напред – рече пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова.
Пратениците од ДУИ најавија дека наскоро сите ќе го видат договорот, но рекоа и дека ВМРО-ДПМНЕ треба да го смени пристапот.
Бедри Фазли рече дека изградбата на коридорите треба да трае 4 години и седум месеци. Според него, доколку не се донесат осумте закони изградбата ќе се пролонгира и ќе биде поскапа.
Пратеничката Рина Ајдари рече дека ова се прави за да бидат поефикасни и да ѝ се помогне на Владата.
– Овие измени треба да се поддржат затоа што проектот ќе се направи и без нив, но ние ќе останеме во историјата како пратеници кои сме го поддржале – рече Ајдари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.