Академик Драги Ѓоргиев во вторник, на 23 мај, како новоизбран редовен член во работниот  состав на МАНУ, ќе го одржи своето пристапно предавање. Темата на која ќе се осврне е насловена како „Македонската историографија во периодот на транзиција“.

Ќе биде интересно да се слушне, што има да каже академикот Ѓоргиев, кој е и директор на Институтот за национална историја и, што е многу поважно, копретседавач на заедничката мешовита македонско-бугарска комисија за прашања од историјата и учебниците.

Но, самиот наслов е крајно индикативен, затоа што до сега македонската историографија не нашла за сходно тоа да го стори, ниту имало потреба од такво нешто, зашто го продолжи континуитетот на истражувањата за македонската национална историја од сите аспекти, меѓу кои и од идеолошки.

Дури и напротив, во периодот на осамостојувањето на Република Македонија, па наваму пред македонските историчари се наметнуваше потреба од поголема посветеност за истражувања на македонската национална историја. Имаји ги предвид честите научни еквилибристики на Ѓоргиев, овојпат за јавноста ќе биде интересно на пригодното предавање на која воденица ќе го свртува  текот на водата на македонската национална историја? Прашањето произлегува само од себе затоа што Ѓоргиев го опфаќа само периодот на транзиција, а не и периодот пред тоа. Тоа до некаде го имаат сторено странски историчари, а за бугарските и да не говориме, кои насилно се обидуваат да ни наметнат комплекс за кражба на нивната историја.

Како директор на ИНИ и како член на комисијата се паметат повеќе изјави на Ѓоргиев, но веројатно некако највпечатлива остана таа дека во македонската историја има примери во кои наместо Бугари се пишувало Македонци. Меѓутоа, таквите примери не се од периодот на транзицијата, туку од пред тоа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.