Заврши средбата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија. Денешната средба во Скопје е прва на новиот состав на македонскиот тим со нивните колеги од бугарска страна. Копретседавачат на бугарскиот тим Ангел Димитров по средбата, рече дека таа „повеќе била за запознавање“ и „од технички аспект“.

Повеќе детали за тоа што било разговарано на првиот дел од средбата нема, а разговорите, како што е најавено продолжуваат од утре.

– Разговаравме за некои технички, општи, односно протоколарни прашања. Се запознавме, но вака тешко се доаѓа до решение, но тоа не значи дека денеска изгубивме време, изјави Ангелов. Прашан, кои се првите заклучоци за новите членови на Комисијата, тој рече дека „се уште немаме конечно мислење, нека поминат неколку средби, па ќе имаме став“.

Последната средба на Мешовитата комисија за историски прашања беше одржана на 30 и 31 мај во Софија, а состанокот планиран во Скопје на 18 и 19 септември годинава беше одложен на барање на македонската страна.

Историчарот Митко Панов, кој е дел од новиот состав што Владата го назначи минатиот месец, синоќа во интервју за ТВ Сител изјави дека не може предвреме да каже за очекувањата од средбата, но, рече, оптимист е доколку се постигнат начелата на слободно изразување на ставовите за историјата.

-За моите очекувања не можам ништо да кажам сега, пред време, бидејќи треба да се запознаеме, треба да ја запознаеме методологијата на работа, концептот на работа, принципите на делување… Доколку се држиме до современите принципи на работа, европските практики на работа на ваков тип комисии, можам да кажам дека сум оптимист, не дека нешто ќе се постигне, сега ќе видиме, но доколку ги постигнеме тие начела на работа, мислам дека ќе можеме слободно да ги изразуваме своите ставови и, впрочем, тоа е и целта и моето разбирање  на комисијата – да ги изразиме сопствените ставови, ставовите на македонската историографија и да видиме кои се тие проблематични точки коишто едната страна ги смета за некакви конфликтни проблеми, истакна Панов.

Посочи дека претходно многупати кажал дека не се согласува со концептот на работа на претходната Комисија, и нагласи дека ќе работат „растоварени од какви било политички влијанија“ затоа што, рече, комисијата треба да работи во таква атмосфера за да дискутира.

Новиот состав на македонскиот тим од заедничката комисија беше избран од Владата на 10 септември. Нов претседател на македонскиот тим во заедничката комисија е Ванчо Ѓорѓиев, професор на Филозофскиот факултет во Скопје, а покрај Митко Панов, членови во Комисијата се и Александар Литовски, Никола Минов, Сашо Додевски, Бесник Емини и Димитар Љоровски. Претседателот Ванчо Ѓорѓиев порано беше член на Комисијата, но ја напушти во 2021 година. Одлуката да се повлече од Комисијата, како што изјави тогаш, е бидејќи се соочил со политички притисоци во нејзината работа.

Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.

Досега комисијата усвои препораки за заедничко чествување на пет историски ликови – Светите браќа Кирил и Методиј, Св. Наум Охридски, Св. Климент Охридски и Цар Самоил и по пет препораки за измени во учебниците по историја за шесто оделение во Македонија и за пети клас во Бугарија



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.