Синдикатот на Универзитетот „Мајка Тереза“ (УМТ) денеска одржа мирен протест пред влезот на образовната установа поради непотпишувањето на Колективниот договор со овој Универзитет.

Претседателот на Синдикатот на УМТ Авни Авдиу во изјава за МИА посочи дека протестот се одржува заедно и во исто време со уште четири државни универзитети со цел да го изразат својот став и негодување дека се игнорирани и дискриминирани од страна на Собранието и на Владата откако колективен договор е потпишан само со Универзитетот Кирил и Методиј во Скопје.

-Го поздравуваме спроведувањето на колективниот договор со УКИМ, но на надлежните им порачуваме дека истовремено спроведуваат двојни стандарди, дискриминација и нееднаквост бидејќи останатите пет јавни универзитет го уживаат истиот статус, реализираат иста општествена дејност со иста одговорност, а со непотпишување на колективниот договор неправедно се ставени настрана од државата. Здружени и обединети синдикатите со овој протест порачуваме дека настапуваме обединети, без никаква политичка боја, организирани за враќање на достоинството, интегритетот и правдата, вели Авдиу.

Тој нагласува дека доколку не биде потпишан колективниот договор ќе преземат други мерки како што е протест пред Собранието, бојкот на наставата. Мерките ќе бидат донесени во координација со останатите четири универзитети.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.