Промовирање на безбедноста и стабилноста во областа на ОБСЕ преку одржлив развој и отпорен и инклузивен економски раст, беше фокусот на Струшката конференција за економска и еколошка димензија на ОБСЕ во 2023 година што се одржа во Струга, Македонија, на 14 јуни.

Настанот обезбеди платформа за претставниците од 57 земји-учеснички на ОБСЕ, приватниот сектор, академската заедница, граѓанското општество и меѓународните организации да се вклучат во дискусии за економската и еколошката безбедност во регионот на ОБСЕ и во контекст на воената агресија на Русија против Украина.

Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, на отворањето истакна дека последиците од климатските промени стануваат повеќе видливи и драматични насекаде низ светот, и дека ние мора да обезбедиме отпорност на енергетската инфраструктура и одржлива и сигурна енергетска транзиција, а со борбата против корупцијата и доброто владеење да обезбедиме предуслови за стабилен економско-социјален развој.

Македонија постојано и преку оваа Конференција, дава дополнителен поттик за економското заздравување и надминување на економските и еколошките предизвици во регионот на ОБСЕ. Борбата против корупцијата, како дел од проблематиката во Втората димензија, останува врвен приоритет на нашето Претседавање“, истакна Османи.

Со цел зајакнување на дијалогот и размена на најдобри практики, учесниците разговараа за теми како зајакнување на доброто владеење преку транспарентност и антикорупциски мерки, справување со предизвиците од климатските промени, промовирање на енергетската безбедност и поттикнување на отпорност преку поврзување, трговија и олеснување на транспортот.

Покривајќи широк спектар на теми од еколошките и економските прашања, кои ја сочинуваат втората димензија на безбедноста на ОБСЕ, учесниците и говорниците ја истакнаа итноста од развивање алатки за зајакнување на безбедноста, отпорноста и просперитетот на полето на климата, животната средина, технологија и трговија.

Нашите економии штотуку почнаа да закрепнуваат. Мораме да работиме заедно преку споделување информации и поттикнување на регионалната и меѓурегионалната соработка, со цел вистински да влијаеме на теренот. За сите земји-учеснички е императив да се справат со далекусежните последици од сегашната ситуација преку воспоставување мерки и економски планови кои промовираат одржлив развој. Мораме да застанеме заедно во овозможувањето на одржлив и инклузивен економски раст“, рече Османи.

Околу 150 учесници ја искористија можноста на Конференцијата да го продолжат долгогодишниот дијалог за економски и еколошки прашања поврзани со безбедноста, кој традиционално се одвива во рамките на Економскиот и еколошки форум. Иако, Руската Федерација се спротивстави оваа конференција да се организира со консензусна одлука на 57 земји, па затоа Македонија беше принудена да ја организира како настан на претседавачот.

Струшката конференција беше организирана од страна на Претседавањето на Македонија со ОБСЕ во 2023 година, со поддршка на Канцеларијата на координаторот за економски и еколошки активности на ОБСЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.