Во Собранието денеска продолжи 39-тата седница на Комисијата за европски прашања, со единствена точка на дневен ред – Предлог-закон за дополнување на Законот за работните односи, по скратена постапка.

Седницата ја водеше заменик-претседателот на Комисијата, Арта Биљали Зендели, која информира дека во рокот утврден со Деловникот на Собранието за овој Предлог-закон се поднесени 388 амандмани од овластени предлагачи.

Пред претресот по амандамните, во процедурална забелешка координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски рече дека нема да се навраќа на сето она што се случуваше во текот на вчерашниот ден и додаде дека не се дозволува дискусија за нивното барање – разгледување на заклучоците на ЕУ за Западен Балкан на првата наредна седница.

Недозволиво е барањево кое писмено Ви е доставено да не го ставите како точка на дневен ред, да се произнесеме по него. Дополнително, дали вчера утврдивте предлог-дневен ред, дали дадовте можност да го дополниме тој дневен ред, праша Мицевски.

Тој апелираше да се почитуваат законите и Деловникот на Собранието, укажувајќи дека не е усвоен дневниот ред и додаде оти не им е дадена можност за дополнување на дневниот ред со точката која ја предлагаат. Според него, точката што ја предлагаат треба да се стави на дневен ред, а пратениците треба да се произнесат.

Мицевски пред членовите на Комисијата и пред медиумите прочита еден документ кој, како што рече, дошол до него. Според тој документ, Комисијата за европски прашања нема да води претрес по поднесените амандмани, бидејќи според член 171 Д, став 1 од Деловникот на Собранието е истечен рокот од најмногу два дена за водење претрес по амандманите.

Ова е, како што рече, изготвен текст кој заменик-претседателката на Комисијата денеска планира по неколку процедурални или по неколку паузи да го прочита пред македонската јавност. Тој потенцира дека на крајот на денот владиното мнозинство, пратениците од СДСМ и ДУИ, ќе пробаат да утврдат дека нема можност да се разговара по амандманите.

Биљали Зендели соопшти дека дневниот ред вчера се гласал пред, како што рече, „неизбежниот скандал“ што се случи во салата. Таа информира дека не работи по сценарија, а додаде дека вчерашниот скандал бил монтиран и предзвикан, а расправата веќе е почната.

Откако не добија одговори на поставените парашања и можност за процедурални забелешки, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ скандираа и тропаа по маси. Побараа на седницата да присуствуваат и други владини претставници, а не само министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Биљали Зендели даде пауза од триесет минути.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.