Продолжуваат кампањите за претстојните претседателски и парламентарни избори, каде претседателските кандидати, како и кандидатите за пратеници во шесте изборни единици ги претставуваат нивните програми пред граѓаните низ државата. Првиот круг на претседателските избори ќе се одржи в среда, на 24 април, додека пак, вториот круг предвидено е да се одржи на 8 мај, заедно со парламентарните избори.

Сарај, Чаир, Аеродром, Гази Баба се четирите локации каде денеска со граѓаните ќе се сретнат Гордана Силјановска Давкова, кандидат за претседател од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, лидерот на партијата Христијан Мицкоски, како и носители на листи и кандидати за пратеници.

Пред зградата на ЕУ во Скопје, СДСМ, Коалицијата за европска иднина и кандидатот за претседател Стево Пендаровски денеска ќе одржат централен граѓански митинг, на кој ќе се обратат претседателот на ПЕС Стефан Левен, претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, како и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски. Предвидено е куси обраќања да имаат и носителите како и коносителите на изборните листи на СДСМ и Коалицијата.

Главен митинг на плоштад „Македонија“ во Скопје, денеска ќе одржи и коалицијата предводена од ДУИ „Европски фронт“, додека пак, албанската опозициска коалиција „Вреди“ ќе одржи митинг на плоштадот во Гостивар.

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија ќе одржи прес-конференција пред Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, на која ќе се обрати носителот на листа во Изборната единица 1, Бобан Карапејовски. Својата програма пред граѓаните денеска ќе ја презентира и Работничката партија, која во Струга ќе оствари средба со граѓаните пред Соборниот храм „Св. Ѓорѓи“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.