Пратениците денеска од 11 часот треба да ја продолжат 104-тата седница на која четврти ден ќе се расправа за разрешување на тројцата министри од Алтернатива. Со реконструкцијата на Владата, во владината коалиција влегува партијата Алијанса за Албанците.
По предлог на Владата, треба да бидат разрешени министрите од Алтернатива – Беким Сали за здравство, Адмирим Алити за информатичко општество и администрација и Џемаил Чупи, министер без ресор задолжен за дијаспора.
За нови министри, премиерот ги предложи Кренар Лога за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација, тројцата од Алијансата за Албанците, и Каја Шукова од СДСМ за животна средина и просторно планирање.
На претходна седница Собранието ги констатираше оставките на министрите за правда и за животна средина и просторно планирање, Никола Тупанчевски и Насер Нуредини, како и на заменик-министрите за правда и за здравство, Агим Нухиу и Владимир Рендевски.
На дневен ред на 104. седница се и Предлогот за избор на членови на Владата, Предлогот за разрешување заменици министри и Предлогот за именување заменици министри.
На првиот ден од расправата, премиерот Димитар Ковачевски образложувајќи ја одлуката за реконструкција на Владата, истакна дека на државата и треба стабилно мнозинство кое ќе овозможи брз развој и напредок.
Во изминатите три дена пратениците од власта и опозицијата полемизираа за политиките на Владата, која за пратениците на ВМРО-ДПМНЕ е „Пазар 3 коалиција“ и „купи-продај Влада од денес за утре“.
Тие реагираа дека премиерот Ковачевски во експозето не образложил ни една причина за разрешување на министрите, туку зборувал „за европската интеграција и кочничарот ВМРО-ДПМНЕ“. Според опозиционерите, смената во ресорите што ги имаше Алтернатива е само трговија и затоа што „им поминала употребната вредност“.
За Алијанса за Албанците (АА), пак, која во Парламентот има осум пратеници, влезот во владејачката коалиција е поради европската иднина на државата.
На потсетувањата од опозициските пратеници какви биле ставовите на АА кон ДУИ, со која сега ќе бидат во коалиција, пратеникот од АА Халил Снопче рече дека „не се пишман“ за тоа што го кажале.
-Не сме пишман за тоа што сме кажале. Не умира нашата кауза, но ќе умре евроинтеграциската перспектива. А ова е клучна година. Со нашето учество во Владата, ние даваме надеж за европската иднина на државата, рече Снопче
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.